ЗНАЦИ КОИ ПОКАЖУВААТ ДЕКА ДИЕТАТА КОЈА СТЕ ЈА ИЗБРАЛЕ НЕ Е ДОБРА ЗА ВАС

Веројатно ќе се запрашате: „ Како да препознам која диета е лоша ако не сум ја пробала?“ Постојат знаци кои ќе ви укажат дека диетата која размислувате да ја започнете не е правилна за вас. Кажете НЕ на секоја диета која:

Забранува поголема група храна
Нема ништо лошо во тоа диетата да го ограничува внесувањето на одредена храна (пржени јадења, торти, чипс). Но, секоја диета која елиминира една или повеќе големи класи хранливи материи (најчесто јаглехидрати, масти или протеини) треба да биде избегнувана.

За мозокот и телото да функционираат оптимално, потребно е секојдневно да внесувате различни типови хранливи материи. Во спротивно, режимот на исхрана може да стане закана за вашето здравје. Вртоглавицата, главоболката и изнемоштеноста се најчестите странични ефекти од диетите кои не предвидуваат балансирана исхрана.

Не препорачува физичка активност
Вежбањето и здравите диети одат рака под рака. Редовната физичка активност е клуч за создавање здрав план за слабеење и помага за долгорочно контролирање на тежината. Доколку диетата забранува или не препорачува физичка активност, најверојатно таа предвидува внесување на мал број калории кои нема да ви ја даваат неопходната енергија за вежбање. Здравите диети препорачуваат физичка активност најмалку по 30 минути трипати неделно.

Звучи премногу добро за да е вистина
Навистина звучат примамливо пораките „10 килограми помалку за 2 недели“ или „Изгубете 3 килограми за 5 дена“, но звучат и премногу добро за да се вистина. Тие треба да ви бидат како црвено знаменце основно поради две причини. Прво, за да нудат големо слабеење, тие препорачуваат план за исхрана кој е штетен за здравјето. Се препорачува неделно да се слабее 0,5-1 килограм. И второ, по брзо слабеење, килограмите се враќаат со уште поголема брзина.