Манастирот Свети Архангел Михаил во Берово преставува репрезентативен примериок од сакралната архитектура во источниот дел на Република Македонија. Манастирот е сместен во јужниот крај на градот во близина на реката Брегалница, каде во 1815-1818 година е подигната манастирската црква Св. Архангел Михаил. Манастирските конаци се подигнати околу 1840 година или дваесетина години по подигнувањето на црквата.
Начинот на кој што е изграден манастирот е врзан со легендата: во тоа време во Берово немало црква, заради тоа беровци на чело со поп Пецо, побарале од месната турска власт да изградат црква. Кога делегација на чело со поп Пецо отишла кај буљукбашлијата, тој се согласил но им поставил три услови. Првиот бил црквата да се изгради за четириесет дена, вториот покривот да не и биде повисок од патот кон изворот на Брегалница, а третиот услов бил поп Пецо да ја даде својата најубава и најмала ќерка за буљукбашлијата. Кога беровчани ги слушнале условите за првите два веднаш се согласиле, а поп Пецо им кажал и дека неговата ќерка се согласува, па така тие веднаш почнале да ја градат црквата.
Таа била готова за четириесет дена, а ја изградиле пониско од патот за да не се гледа. На четириесеттиот ден стигнал карванот со војска испратен од валијата да ја земе најмалата попова ќерка. И навистина таа тргнала со нив накај Солун. Но, намерата на девојката не била да стигне кај валијата, па затоа кога карванот дошол до Дојранското езеро, девојката скокнала од коњот и се фрлила во водата. Војската, мислејќи дека девојката се удавила, побрзала да стигне кај валијата и да му каже што се случило. Но, поповата ќерка не била мртва. Ја нашол некој овчар што го пасел стадото во близина на езерото и заедно со него ја одвел во Србија.
Во склоп на црквата има и женски манастир. Темелите на првиот женски манастир во Берово се подигнати дваесет години по изработката на манастирската црква (околу 1840 год.). Во својот најголем подем манастирот броел и до шеесет монахињи (калуѓерки) со развиена богата економија, богословско училиште, ткајачница. Од јужната, западната и северната страна на црквата се сместени конаците во кои живеат монахињите. Тие се изградени во чиста малешевска стара архитектура на приземје, со вкупно 16 соби и површина од 560 метри квадратни.
Во јужниот дел на конаците се сместени две спомен соби, едната на Атанас Раздолов, а другата на Никола Петров Русински, а во другиот дел од јужните конаци е сместен музејот посветен на Разловечкото и Кресненското востание. Во манастирската библиотека се чуваат голем број на книги и текстови од XIX и XX век. Денес во него е сместен Музејот каде се изложени фотогафии, документи, географски карти и старо оружје од историското минато на Малешевијата и Македонија.