Симптоми кои укажуваат на недостаток на железо се: постојано чувство на замор, иако сме имале доволно сон, бледило, губење здив, главоболки и вртоглавица, силно и забрзано чукање на срцето, сува и оштетена кожа и коса, оток и болка во крајници и уста, немирен синдром на нозе (константно тапкање), вовлекување на ноктите (коилонихија), анксиозност, тешки периоди и студени раце и стапала.
Луѓето кои имаат зголемен ризик од анемија се најчесто бремени жени, лица кои боледуваат од Кронова болест, жени кои имаат обилна менструација, како и луѓе кои не консумираат храна од животинско потекло. Дефицитот на железо се утврдува со крвна слика, а доколку се утврди потребно е да се консултирате со лекар кој ќе ви даде специфична терапија, најчесто суплементи.
Покрај суплементите, потребно е да се внимава и на исхраната, како и на храната која ја поттикнува апсорпцијата на железото во организмот. Храната со најмногу железо е црвеното месо, па затоа консумирањето порција од 100 грама два пати неделно може да има благотворно влијание врз телото на личноста која страда од недостаток на железо. Доколку јадете месо, важно е да е од природно и органско потекло и да не претерувате.
Истражувањата покажуваат дека следните намирници се полни со железо:
Месо и риба – Говедско, јагнешко, дивеч, црн дроб, школки, остриги, ракчиња, сардини, туна, лосос,
Овошје и зеленчук – крес, кељ, спанаќ, блитва, цитрусно овошје, црвена и жолта пиперка, брокула, бобинки, аронија
Јаткасти плодови и семки – семки од тиква, индиски ореви, ф’стаци, семки од коноп, семки од сончоглед
Грав и мешунки – Грав, наут, грашок, мешунки
Доколку сакате да го зголемите нивото на железо во организмот, намалете ја потрошувачката на чај и кафе со оброците. Исто така, ограничете ја комбинацијата на храна која содржи железо со храна богата со калциум . Препорачливо е да се консумира храна богата со железо заедно со храна која содржи витамин Ц (киви, агруми, бобинки, пиперки, келера…)