НАПРАВЕТЕ ГО ОВА И ЛЕСНО ЌЕ ЈА НАДМИНЕТЕ СЕЗОНСКАТА ДЕПРЕСИЈА

Во зима луѓето често запаѓаат во чудна, понекогаш депресивна состојба, бидејќи надвор е студено, повеќе остануваме дома и некако се чувствуваме осамено.

Секој има различна чувствителност на влијанието на различните сезони. Некои не знаат што е сезонска депресија и тешко дека чувствуваат голема разлика во секојдневниот живот. Други страдаат од благата верзија – само кога деновите се најкратки. Кај други, промената на расположението се влошува се повеќе и повеќе како што напредува зимата.

Луѓето кои страдаат од оваа состојба имаат ненадејни промени во расположението, недостаток на енергија или затапено чувство на радост, замор и поспаност. Ефектите од сезонската депресија можат да бидат огромни и да влијаат на вашиот однос со партнерот, на односите со семејството и пријателите и на вашата работа.

Иако секој може да биде погоден од сезонска депресија, таа е особено честа кај луѓето кои страдаат од депресија или анксиозност и кај оние кои имаат хронични физички заболувања како што се главоболки или ревматизам.

Научниците не се согласуваат околу основната причина за сезонската депресија. Можно е да се работи за еволутивен „мамурлак“ поврзан со вроденото однесување на цицачите да си одат дома на зима, нешто како психолошка хибернација која се претворила во патологија.

Можно објаснување е и теоријата за серотонин, бидејќи во текот на зимските месеци телото произведува помалку серотонин поради помалата изложеност на сонце. Пониските нивоа на серотонин предизвикуваат лошо расположение и депресија, но грешка е премногу да се поедноставуваат работите бидејќи ја минимизира сложеноста на меѓусебните односи помеѓу нервниот систем и емоциите.

Различни студии покажаа дека недостатокот на витамин Д во телото, исто така, може да предизвика тешкотии кај луѓето кои страдаат од сезонска депресија.

Терапиите за разговор, како што е когнитивната бихејвиорална терапија или советувањето со терапевт, може да помогне да се дојде до основните причини за депресија. Кај посериозните форми на болеста, лекарите не ги исклучуваат лековите како што се антидепресивите, обично во комбинација со терапија.

Исто така, постојат голем број опции за промена на навиките кои можат да помогнат во ублажување на меланхолијата и апатијата – особено за оние кои не страдаат од премногу тешки случаи на сезонска депресија. Одлични опции за ова се воведување или зголемување на фреквенцијата на физички вежби и медитативни практики. Тие помагаат да се намали стресот, кој е една од причините за сезонска депресија.

Само неколку минути медитација дневно помагаат за менталното здравје. Едноставната прошетка во природа, особено во потоплите зимски денови, може да биде ефикасна, дури и ако најзадоволителен дел од неа е враќањето дома.

Поголемиот социјален контакт (со пријателите и семејството), наместо полесното и поудобно затворање дома, ја одржува енергијата и хормоналната рамнотежа подалеку од екстремните нивоа.