НЕЛЕКУВАНА КЛАМИДИЈА – НЕМОЖНОСТ ЗА ЗАБРЕМЕНУВАЊЕ

Кламидијата е една од најчестите бактериски сексуално преносливи болести (СПБ). Таа може да ги оштети женските репродуктивни органи и да доведе до неплодност ако не биде навремено лекувана. Најчесто оваа инфекција „тивко“, без никакви симптоми, му наштетува на здравјето и поради тоа брзо се шири меѓу сексуално активното население.


Околу 75% од жените кои имаат кламидија НЕ пројавуваат никакви симптоми.

ШТО Е КЛАМИДИЈА?
Кламидијата е инфекција предизвикана од бактеријата Chlamydia trachomatis која најчесто се пренесува на два начина:

За време на сексуален однос. Кламидијата може да се пренесе при вагинален, орален или анален сексуален однос со инфициран партнер.
Од мајката на бебето за време на породување. Мајка инфицирана со кламидија може да му ја предаде инфекцијата на своето новороденче при вагинално породување.

СИМПТОМИ
Повеќето заболени со кламидија имаат благи или немаат никакви симптоми. Поради тоа, многу е тешко без соодветни тестови да се процени дали една личност е инфицирана со кламидија или не. Всушност, околу 75% од инфицираните жени и 50% од мажите со кламидија не пројавуваат никакви симптоми. Кога симптомите се присутни, тие се појавуваат во период од 1-3 седмици по сексуалниот контакт со инфицираната личност.

Симптоми на кламидија кај жени
Абнормален вагинален исцедок кој може да има непријатна миризба;
Печење за време на мокрење;
Абнормално крварење меѓу менструалните периоди или по сексуален однос;
Болки при сексуален однос (диспареунија);
Болки за време на менструација;
Нерегуларно менструално крварење;
Абдоминална болка проследена со температура;
Чешање или печење во или околу вагината;
Ректален исцедок, болка или крварење од анусот.

Симптоми на кламидија кај мажи
Болно мокрење, т.е. чувство на печење за време на мокрење;
Мало количество на чист или матен исцедок од врвот на пенисот;
Печење, чешање и/или црвенило околу отворот на пенисот;
Болка и отеченост околу тестисите;
Ректален исцедок, болка или крварење од анусот.
Кламидијата се пренесува и при отсуство на симптоми. Лицето инфицирано од кламидија е носител на истата сè додека не биде излекувано.

ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ
Најчесто кламидијата се дијагностицира преку земање на брис од грлото на матката кај жените и од исцедокот од уретрата кај мажите, или пак, преку испитување на урината за присуство на бактеријата Chlamydia trachomatis.

Многу жени ПОГРЕШНО сметаат дека кламидијата може да биде дијагностицирана преку рутинскиот ПАП тест.

ЛЕКУВАЊЕ
Добрата вест е што по дијагностицирањето кламидијата лесно се лекува со антибиотици. Лекувањето е задолжително и кај двајцата партнери за да се спречи повторно предавање или ширење на болеста. Инфекцијата најчесто исчезнува 1-2 седмици по започнувањето на третманот.

По примањето на антибиотиците, препорачливо е повторно да се направи тестирање за да се провери дали инфекцијата е излекувана. Сексуални односи не се препорачуваат сè додека и на двајцата партнери не им биде соопштено дека кај нив веќе не е присутна кламидија.


КАКО МОЖЕТЕ ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ ОД КЛАМИДИЈА?
Едно е сигурно – заштитата од кламидија е далеку полесна од лекувањето од истата, па затоа:

Практикувајте безбеден секс. За да се заштитите од кламидија, користете кондом.
Ограничете го бројот на сексуални партнери. Со секој нов сексуален партнер вие се изложувате себеси на сите инфекции кои тој и претходните негови партнерки ги имале.
Тестирајте се. Најдобар начин да се заштитите од кламидија е да се тестирате за СПБ и вие и новиот партнер пред да имате сексуален однос. Исто така, многу е важно секоја бремена жена или жена која планира да зачне да се тестира не само за кламидија, туку и за другите најчести СПБ.