ЦИТАТИ ОД ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ- „ТИ СИ НАЈЦЕЛОСНИОТ ДУШМАН НА МОИТЕ ДУШМАНИ И ЈАС ЌЕ БИДАМ ПОБЕДЕН ОД МОИТЕ ОМИЛЕНИ СЛАБОСТИ .“

„Не се рекло напразно дека секоја жена си чува солзите само за еден човек.“

„Само убавината не може да се заобиколи. А не можеш да ја заобиколиш зашто не можеш без неа. Па, дури и кога ќе те напушти. Ја носиш со себе и кога не сакаш. И којзнае на која страна да ги отераш мислите, тие пак ќе се вратат кај неа и до неа ќе застанат…“.

„Никаде да не одиш со грд човек. Со грд човек секаде ќе ти биде грда работата. Ќе си земеш некој убав човек со голема сенка и насекаде свртен. Од која страна да го погледнеш, оттаму да му се гледа лицето. На сите страни да има лице. И тој не мора ништо да зборува ами остави го само до тебе да стои. Покрај убавиот човек и ти ќе бидеш поубав. Оти се рекло: убавината секогаш изгледа невино иако најмногу гревови носи…Само убавината прави пазар.“

„Стравот е страшен само за оние што му се плашат.“


„Кога човек се плаши од пушка, тогаш пушката повеќе пука.“

„Зборот нема милост – на секоја кривина те чека да те изненади. Секој збор има и свој лик и свој ум. Можеби тие се токму твоите, но ти не си ги препознаваш. И секој погрешно употребен збор, може да те злоупотреби. И тоа ќе ти ја уништи и чесната мисла што си сакал да ја соопштиш…“



„Оставен, како развенчана змиска кошула,
ги колнев сите краишта што нејзе ѝ ги посветив
и сите нови места што ме среќаваа без неа.“

„Ти си најцелосниот душман на моите душмани
и јас ќе бидам победен од моите омилени слабости.“

„И маската, што е маска, не кажува дека магарето ѝ е татко. Секогаш ќе ти рече дека коњот ѝ е вујко. Така и човекот…“

„Човек без љубов е човек без свој лик, без своја трага, без свое име, без свое време, без своја содржина.“

„Ама срцето човечко било бунар: само се полни, а не се преполнува.“