Православните христијани денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква-Охридска архиепископија изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан ќе богослужи литургија на свети Василиј Велики.
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Името Христос е превод на еврејското Месија, што значи Помазаник. Овој Помазаник, овој Христос, на луѓето им беше ветен уште од времето на Адам. За него пророкуваа многу еврејски пророци, а неговата појава во тоа време ја очекуваа и многу други народи. Пророците го прорекоа како времето кога ќе се роди, така и местото Витлеем. Во тоа мало гратче во Јудеја, денешен Израел, се роди Исус, наречен Христос, т.е. Помазаник, и тој беше исполнување на пророштвата. Подоцна се откри и стана позната низ целиот свет надумната тајна на неговата богочовечка личност. Исус Христос на човештвото му ја даде силата и власта да ги победи гревот и смртта. Заради тоа Христа го нарекуваме спасител. Уште повеќе, влегувањето на Бога во историјата значеше почеток на откривањето на сите тајни и на радоста на вечниот живот.
Централното одбележување во Македонија е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи Златоустова литургија.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик. Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое се вели:
Возљубени чеда во Господа,
Божик, празникот на Христовото рождество, е ден на небоземна радост: Дева Го раѓа Христа – Сонцето на правдата; во витлеемската пештера се сместува Несместливиот; мудреците Го даруваат со скапоцени дарови Оној што ни го дари најскапоцениот дар – нашето спасение; ѕвездата Го озарува Оној што ги создаде сите небески светила, а пастирите се поклонуваат пред Оној што нè изведе од ропството на смртта и нè возведе на новото небо и новата земја, отворајќи ни го Своето Царство. Затоа, на овој ден, ликуваат сите и Го славословат Богомладенецот, „Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек“.
Спасоносниот настан од таа неповторлива витлеемска ноќ е исполнување на времетo коешто се навестуваше од искони, на времето во кое историјата стана сегашност, а очекувањата – стварност. Ова ново време го оживотвори вековниот копнеж на старозаветните праведници и пророци; ова време го засени Законот, а ја возвиши благодатта; го запечати Стариот Завет, но го обзнани Новиот – Заветот на обновената љубов меѓу Бога и човечкиот род.
Со Христовото рождество сè е исполнето со радост и веселие: и ангелите и луѓето, и небото и земјата, зашто Бог стана човек, зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето4, за да ги воздигне кон Себе и за да ги направи учесници во Неговата слава.
Затоа, Божик е празник на радоста, празник на утехата и празник на благодарноста: Синот Божји стана Син човечки, за да го издигне човекот, кој беше потонат во своето себељубие, дарувајќи му ги бескрајните височини на Својата љубов во Царството небесно.
Извор: netpress.com.mk