ГРЕШКИ НА РОДИТЕЛИТЕ ПРИ ВОСПИТУВАЊЕТО НА ТИНЕЈЏЕР

Тинејџерските години се најголем предизвик за родителите и нивните методи и стратегии за воспитување. Тогаш престануваат да важат правилата со кои сте го контролирале однесувањето во детските години и се создава неопходност од создавање на нови правила.

Еве кои грешки треба да ги избегнете кога вашето дете ќе стане тинејџер:

Не слушате и не покажувате разбирање. Ако сакате почит од вашиот тинејџер, треба и вие да му ја дадете. Разберете, тој веќе не е дете, туку возрасна и многу чувствителна личност.

Премногу сте строги и го ограничувате. Навистина треба да се придржувате кон своите правила, но тие правила треба да бидат рационални и не премногу строги. Тинејџерите чии родители се престроги и ги ограничуваат до толку што нивниот живот не наликува на животот на нивните врсници, започнуваат да развиваат чувства на одбивност и лутина. 

Не покажувате почит кон неговите хобија и интереси. Една од најголемите желби на тинејџерите е да бидат уникатни и никој да не наликува на нив. Затоа, често избираат нестандардни хобија или се облекуваат поекстремно. Ако вашиот тинејџер одненадеж сака да научи да свири на гитара, поддржете го.

Ги избегнувате чувствителните теми како секс, алкохол и дрога. Ова една од најголемите грешки. Повеќето родители сакаат да разговараат на овие теми со своите деца, но не знаат како, па решаваат да ги прескокнат. Одложувањето на важните разговори е најлошото решение. Вооружете се со информации и во релаксирана атмосфера започнете да разговарате на темите кои за тинејџерите се во категоријата „табу“.

Ги поштедувате од домашните обврски. Адолесцентите треба да бидат вклучени во извршувањето на домашните обврски, без разлика на полот. 

Влегувате во борба за надмоќ. Заканувањето и покажувањето на моќ не се правилни стратегии за воспитување на тинејџер. Во тие години младите не сакаат некој да им наредува што да прават, затоа што почнуваат да ја сакаат својата самостојност и чувствуваат дека не им треба никој за да опстојат. Па, кога тој/таа ќе одбие да ве послуша за нешто, не му/ѝ се заканувајте. 

Не сте цврсти и постојано ги менувате правилата. Тинејџерите се многу итри и веднаш кога ќе почувствуваат дека има шанси да ве „омекнат“, ќе ги искористат своите способности за манипулирање за да го добијат она што го сакаат. Вие може дури и да не забележите како по петминутни преговори тој/таа ќе ве убеди да му/ѝ дозволите да направи нешто што во други услови би го забраниле.

Секогаш го очекувате најлошото. Некои родители уште во моментот кога ќе ги забележат првите знаци на пубертет започнуваат да се сомневаат во своите деца и во секој момент очекуваат од нив да направат нешто лошо – да започнат на пијат, да пушат и сл. Таквите негативни очекувања не само што не помагаат во воспитувањето, туку и го поттикнуваат лошото однесување.