Нашата земја е позната по квалитетното грозје и виното кое се добива од него.
Покрај исклучително богатиот, сладок вкус, грозјето има неверојатно богата хранлива вредност. Листата на корисни дејства од ваквиот состав секојдневно расте со новите студии и истражувања на тема грозје.
Богат нутритивен состав
Во 150g црно или зелено грозје има околу 100 калории, најмногу од јаглехидратите (околу 2g растителни влакна). Овие овошки содржат особено висок процент на витамин Ц, потоа на витамин А, К, повеќе витамини од Б групата, но и на минералите, како калиум, магнезиумман, бакар, манган, цинк итн.
МОЌНА АНТИОКСИДАТИВНА ВРЕДНОСТ
Грозјето е особено богато со низа антиоксидативни компоненти. Студиите утврдуваат над 1600 корисни фитохемикалии во ова овошје. Најпознати и најпотентни се: ресвератролот, витамин Ц, бета каротен, кверцетин, лутеин, ликопен, елагична киселина, зеаксантин, лутеин итн.
Најголемиот дел од антиоксидативната содржина е пронајдена во обвивката и семето на гроздовите.
Во зависност од обоеноста, варираат и антиоксидативниот состав и концентрација. Така, најбогато со овие компоненти е црвеното грозје – поради антоцијанините.
Подобро кардиоваскуларно здравје
Ова дејство се должи на минералната и антиоксидативна содржина на грозјето.
Полифенолните компоненти со кои се богати овие овошки (како на пример ресвератролот), имаат антиоксидативен, антивоспалителен ефект и го подобруваат липидниот профил (триглицеридите и холестеролот). На овој начин тие значително го намалуваат ризикот од срцеви заболувања – го намалуваат крвниот притисок, превенираат артеросклероза и го намалуваат ризикот од неправилен срцев ритам.
Дополнително, одреден позитивен ефект за здравјето на срцето имаат и калиумот и растителните влакна – компоненти кои се застапени во солидни количини во гроздовите.
Истражувањата утврдуваат дека оптималниот внес на калиум води кон намален ризик од срцев и мозочен удар (го намалува високиот крвен притисок) и спречување на намалувањето на мускулната и коскена маса. Овие овошки содржат и одредено количество магнезиум, кој исто така е корисен за здравјето на срцето.
Дијабет
Во истражување утврдено било дека оние кои консумирале околу 3 пати неделно некакви бобести овошки, грозје, јаболки или друга слична свежа храна, имале за 7% помал ризик од дијабет тип 2, во споредба со оние кои немале таква навика.
Релативно високите количества на шеќери кои се присутни во грозјето, ги поттикнуваат дијабетичарите да прашуваат дали грозјето е безбедна храна за нив.
Релевантните институции за дијабет, како што е Американската асоцијација за болни од дијабет, ги охрабруваат луѓето да јадат грозје и останато овошје (богато со шеќери, но и редица други нутриенти), се додека внимаваат на мерката, односно додека јаглехидратната содржина која ја консумирале е во склад со нивниот претходно утврден дневен план.
Здравје на очите
Грозјето има солидна содржина од потентните каротеноидни антиоксиданти – зеаксантин и лутеин.
Зеаксантинот и лутеинот го заштитуваат очното ткиво преку превенирање од постојаните оксидативни оштетувања кои водат до функционални нарушувања на очите. Дополнително, тие ги заштитуваат очите и од глауком, катаракта и слични чести заболувања.