Доколку некогаш сте се обиделе да ги оставите цигарите, јасно ви е дека тоа не е воопшто лесна задача. Се чувствувате разочарано, имате вртоглавица, не можете да се концентрирате, ниту да спиете, сé ве иритира и копнеете да вовлечете уште барем еден дим. И покрај тоа што ви изгледа дека нескротливата желба за пушење цигари ќе ве надвладее колку и да се борите, верувајте дека со добар план можете да успеете да ја победите.
Справете се со физичката зависност
Во првите 24 до 48 часа од откажувањето, вашето тело се обидува да се одвикне од внесувањето никотин во организмот. Никотинските замени како што се фластерите, мастиките, носниот спреј, таблетките за лижење и инхалаторот, можат да ви помогнат да излезете на крај со вашата потреба за цигара. Препишаните лекови од доктор, bupropion и varenicline, исто така можат многу да помогнат.
Бидете подготвени за вториот бран
После првите неколку недели, намалувањето на потребата за повторно палење цигара е поврзано со секојдневните ритуали на пушење. Тоа значи дека треба да ги промените ситуациите во кои најчесто ви доаѓа желба да испушите некоја цигара. Јадете го вашиот појадок на друго место во вашиот дом, прошетајте наместо да правите кафе пауза (со цигара) и возете се по друг пат од вообичаено кога одете накај училиште, факултет или работа.
Фрлете ги резервите на цигари и пепелниците
Чувањето цигари во близина „за секој случај“ испраќа сигнали до вашата потсвест дека нема да успеете да престанете со пушење. Воедно, многу е поверојатно, кога настапуваат кризи да запалите цигара доколку имате при рака, отколку ако морате да oдите до продавница и да купите.
Свртете го вниманието на нешто друго
Кога потребата за барем еден дим ќе ве нападне, јавете се на пријател, излезете од собата, свртете круг во маало, медитирајте, молете се, грицкајте цевче за сок или што било друго кое ќе ви ја тргне мислата од глава. Големата потреба за цигара најчесто не трае повеќе од 10 до 15 минути и се намалува нејзиниот интензитет и зачестеноста, како што одминуваат месеците.


