Мигрената не е обична главоболка. Таа предизвикува многу силна болка најчесто во пределот на слепоочниците, челото и очите која може да трае од неколку часa до неколку денa. Освен тоа, мигрената може да предизвика чувствителност кон светлина и звук, вртоглавица, гадење, повраќање или проблеми со видот.
Околу 20% од луѓето кои страдаат од мигрена пред појавата на првите симптоми добиваат знак во вид на аура. Тие може да гледаат светлина што трепка, брановидни линии или точки или пак да имаат замаглен вид.
Некои луѓе чувствуваат чуден мирис или вкус, често се проѕеваат и/или чувствуваат замор и напнатост во мускулите.
До 24 часа пред појавата на мигрена, некои луѓе може да забележат промена во расположението, т.е. да станат возбудени, раздразнети или депресивни.
КОГА МИГРЕНАТА ЌЕ НАПАДНЕ…
Легнете во темна соба. Релаксирајте се во тивка и темна соба. Би било добро ако можете да заспиете.
Ставајте топли или ладни облоги. Топлите облоги на главата и вратот ќе ви ги релаксираат мускулите. Од друга страна, ладните облоги со мраз го здрвуваат местото, па ќе ви ја намалат болката.
Масирајте ги областите каде што чувствувате болка. Нежно притискајте ги местата каде што чувствувате болка и масирајте ги. Побарајте некој да ви ги масира рамената и вратот за да се намали напнатоста.
Напијте се 1-2 кафиња или друг пијалок со кофеин. Кофеинот во мали количини може да ви помогне кога имате мигрена. Но, никако не консумирајте 4-5 кафиња затоа што тоа само ќе ви ја влоши состојбата.
Користете есенцијални масла. Мирисањето на есенцијални масла или премачкувањето со нив ќе ви помогне да се релаксирате. Особено препорачливи се маслото од лаванда, ѓумбир или пеперминт. Тие помагаат за олеснување на болката.