Бременоста е еден од најрадосните периоди во животот на една жена. Исполнет е со исчекување, трепет и планови за иднината. Гледањето на развојот на фетусот од ден на ден и можноста да комуницира со малото суштество внатре, уште пред да се појави, го исполнува срцето на мајката. Се чини дека природата ја подготвила жената за она што следи – породување. Но, дали е навистина така? Иако детето го носиме во себе девет месеци, породувањето и она што следува по него е процес во кој ние, жените, но и мажите, учиме што да правиме. И покрај вродениот мајчински инстинкт, постпородилниот период може да биде предизвик за секој од нас.
„Како ќе ми се смени животот?“, „Дали ќе имам време за себе?“, „Дали ќе можам да продолжам да се гледам со другарките?“, ова се прашања кои си ги поставува секоја жена. Во следните редови ќе се обидеме да одговориме на некои од нив.
Ќе бидете позафатени
Мислите дека сте зафатени? Размислете повторно! Штом ќе дојде вашето малечко, ќе го знаете вистинското значење на тој збор! Понекогаш дури и едноставна задача како фарбање на ноктите може да биде речиси невозможна. Уживајте во периодот на бременоста – прочитајте повеќе, излезете со пријателите, гледајте ги сите епизоди од омилената серија. Наскоро овие едноставни хобија може да испаднат како фатаморгана.
Ќе стекнете нови пријатели
Можеби на почетокот ќе се чувствувате чудно, но одеднаш можете да се приближите до потполно непознати луѓе. Прошетката во парк може да биде почеток на ново пријателство. Зборувањето за пелени и звуците на бебиња може да биде мостот што ве поврзува со жените со кои немате ништо заедничко на прв поглед. Искористете ја оваа можност за споделување, размена на искуства, на овој начин ќе можете да се растоварите и да се чувствувате разбрани од другите.
Вашата врска ќе се промени
Ќе има нова личност во вашата врска – тоа значи помалку време за вас како пар. Не прифаќајте го детето како нешто што ве разделува – само сфатете дека зборот „ние“ сега има поинакво значење. Вашиот наследник не е натрапник кој доаѓа да ви застане на патот како двојка. Иако е вистински предизвик за вашата врска, детето е всушност делот што недостасува од сложувалката наречена семејство. Уживајте во заедничките моменти, обидете се барем еднаш неделно да организирате состанок со партнерот – излезете во кино или ресторан, разговарајте за вас и вашиот живот. Ќе видите како многу повеќе ќе ги цените овие кратки моменти, сфаќајќи колку сте скапоцени еден за друг.
Ќе ви треба помош
На почетокот ќе се обидете да си докажете дека можете сами да се справите со се. И најверојатно тоа ќе биде така! Иако се нарекуваат „послаб пол“, жените несомнено поседуваат супермоќи, особено штом ќе станат мајки. Сепак, обидете се да се опуштите одвреме-навреме. Прифатете помош доколку ви се понуди. Мора да сфатите дека за да се грижите за вашето дете, прво мора да се грижите за себе. Подарете си мали радости – кратка прошетка, неколку страници од омилената книга или шолја ароматично кафе. И не заборавајте на златното правило: „Среќна мајка = среќно бебе“.
Ќе треба да „разговарате“ со вашето бебе
Запомнете дека кога разговарате со вашето бебе, се случуваат две многу важни работи – бебето учи и вашата врска со него станува посилна. Колку повеќе ја практикувате оваа форма на комуникација, толку посилна ќе стане оваа врска. Објаснете му на вашето бебе што правите и кои работи се околу него, дури и ако тоа ви звучи лудо на прв поглед.
Ќе правите грешки
Можеби во идеален свет има идеални родители… Но, во реалниот живот постои едно правило: „Прави го она што е правилно за тебе“. Ако вашето бебе е веќе пораснато, но сепак сака цуцла бидејќи му помага да се смири и да заспие – дајте му ја и прифатете ја вашата „грешка“. Заборавете на непишаните правила и препораки од породилните форуми. Ако сè уште имате некаква загриженост – секогаш можете да разговарате со вашиот педијатар.