Здравите навики можат да ги направат вечерите помирни и помалку стресни и за вас и за вашето дете.
Направете си план. Добро размислете точно кои активности ќе ги вклучите во ритуалот за пред спиење, затоа што истите тие треба да се практикуваат секојдневно и изберете во колку часот ќе започнувате да се подготвувате за спиење. Напишете си го редоследот на лист.
Не постои еден план што им одговара на сите. Потребно е да си изберете активности кои одговараат и на вашиот начин на живот и на интересите на вашето дете. Еве што сè можете да вклучите:
Топла бања. Дури и за бебињата е препорачливо да се капат пред спиење за уште од тогаш да им се создаде навика дека по капењето доаѓа време за спиење. Топлата вода ќе го опушти вашето дете и ќе го подготви за релаксиран сон.
Миење на запчињата. Во зависност од возраста на детето, прилагодете го начинот на чистење на забите.
Посета на тоалет. Така ќе го избегнете станувањето во текот на ноќта.
Избирање на приказна за заспивање. Дајте му на вашето дете да избере која приказна ќе му ја читате пред спиење за да почувствува дека има контрола над работите што се случуваат.
Тивок разговор. Пред заспивање поминете малку време со вашето дете разговарајќи. На пример, можете да му речете да ви раскаже што сака да сонува вечерва. Но, не започнувајте разговори кои знаете дека ќе го возбудат, затоа што тоа ќе го расони.
Пеење песничка. Сите родители треба да си изберат барем една песна за заспивање што ќе можат да му ја пеат на своето дете. Се разбира, ова е потребно кога вашето дете е мало. Кога ќе порасне, ќе забележите дека вашето пеење не му остава некаков впечаток. Тогаш, можете да му пуштате музика. Најдобро е музиката да биде само мелодија, без текст.
Молитва. Некои родители настојуваат нивното дете уште од мало да кажува молитва пред спиење.
Бакнежи и прегратки. Измислете си ваш бакнеж (допирање на носовите, бакнеж на челото), нешто кое ќе го правите само со вашето дете. Така тоа ќе се чувствува специјално.
Кажете „Добра ноќ“. Посакајте му добра ноќ на ваш начин и секој ден кажувајте ги истите зборови. На пример, „Добра ноќ моја мала принцезо“, „Добра ноќ сонце мое“ и сл.
Секако, кон овие активности можете да додадете свои или да исклучите некои кои сметате дека се непотребни.