Пробиотиците, кои се наоѓаат во природно направеното кисело млеко, го подобруваат расположението на луѓето бидејќи влијаат на функцијата на мозокот, покажува ново истражување.
Претходните истражувања покажале дека корисните бактерии во јогуртот влијаат на мозокот на глувците, но досега не е направено истражување кое би потврдило дека истото се случува и со човечкиот мозок.
Истражувачите откриле дека мозочната активност на луѓето кои јаделе пробиотско кисело млеко два пати на ден во текот на еден месец се променила.
Одамна е познато дека симбиотските цревни бактерии, комплексен екосистем на микроорганизми кои живеат во човечкиот дигестивен систем, штитат од болести преку зајакнување на имунолошкиот систем, и помагаат на варењето и олеснување на одржувањето на здрава тежина и крвен притисок. Познато е дека мозокот испраќа сигнали до цревата, поради што стресот и другите емоции можат да доведат до гастроинтестинални заболувања. Новата студија покажува дека сигналите се движат во спротивна насока.
За студијата, истражувачите од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, предводени од д-р Кристен Тилиш, избрале 36 жени со здрава тежина на возраст меѓу 18 и 53 години. Тие биле поделени во три групи. Една група конзумирала кисело млеко со пробиотски соеви како Bifidobacterium animalis, Streptococcus thermophiles и Lactobacillus bulgaricus два пати на ден во текот на еден месец. Друга група го консумирала млечниот производ без живи бактерии, а третата група воопшто не консумирала млечни производи.
Пред и по едномесечното истражување, истражувачите го скенирале мозокот на жените. На секоја сесија, тие започнувале со петминутен одмор на мозокот во мирување, така што жените лежеле неподвижни со затворени очи. Потоа од учесниците било побарано да извршат „задача за емоционално внимание“ во која нивните мозоци биле скенирани додека им биле покажувани лути и исплашени лица на екранот на компјутерот.
Резултатите покажале дека за време на емоционалната задача, жените кои консумирале пробиотско кисело млеко имале намалена активност во мозокот. Жените кои јаделе непробиотски јогурт или не консумирале никакви млечни производи не покажале промена во активноста во овој дел од мозокот со текот на времето. Научниците сега се надеваат дека ќе утврдат кои сигнали од цревните бактерии доведуваат до промена во активноста на мозокот.


