Сигурно досега сте слушнале за „добар“ и „лош“ холестерол – двата вида холестерол кои се наоѓаат во нашето тело.
„Лошиот“ холестерол зафаќа поголем дел од вкупното количество холестерол во нашето тело. Се нарекува „лош“ бидејќи ако неговото ниво е многу високо, може да ги блокира крвните садови и да зголеми ризикот од болести на срцето и мозочен удар.
„Добриот“ холестерол, од друга страна, го апсорбира „лошиот“ и го враќа кон црниот дроб. Потоа, преку црниот дроб, „лошиот“ холестерол се исфрла од телото. Повисокото ниво на „добар“ холестерол значи и помал ризик од болести на срцето и мозочен удар.
Зошто се зголемува нивото на холестерол и кои опасности ги предизвикува?
Кога во телото има многу „лош“ холестерол, тој може да почне да се таложи на крвните садови. Со текот на времето, ако не се контролира нивото, холестеролот може целосно да ги блокира крвните садови и да предизвика проблеми како срцев и мозочен удар.
Некогаш високиот холестерол може да биде наследен, но најчестите причини за зголемување на нивото се:
Јадење многу мрсна и блага храна
Физичка неактивност
Дебелина
Пушење
Прекумерно пиење алкохол
Во некои случаи, високиот холестерол може да биде предизвикан од:
Многу стрес
Проблеми со тироидната жлезда
Менопауза
Проблеми со црниот дроб
Проблеми со бубрезите
Бременост
Ова значи дека ако генерално водите здрав живот, а имате висок холестерол, можеби е предизвикан од втората група причини. Што значи, разговарајте со вашиот лекар за да ја утврдите причината, но слушајте ги и неговите препораки.