КОЛКУ ЈАЈЦА ДНЕВНО СМЕЕТЕ ДА ИЗЕДЕТЕ? 

Лекарите и нутриционистите со поделени мислења

Кога станува збор за тоа колку јајца всушност смеете да јадете на дневна основа, нутриционистите и лекарите имаат различни ставови околу ова прашање. Некои тврдат дека консумирањето голем број на јајца на дневна или на неделна основа е исклучително штетно, бидејќи во составот содржат поголеми количества холестерол, кои доколку редовно се внесуваат во организмот, можат да предизвикаат посериозни здравствени проблеми какви што се појава на одредени срцеви заболувања, покачување на триглицеридите и на холестеролот во крвта.

Дел од лекарите и нутриционистите, пак, воопшто не се согласуваат со ваквите тврдења бидејќи според нив во јајцата се концентрирани цела палета хранливи витамини и минерали, кои благотворно влијаат врз човечкиот организам. Единствено на што треба да внимаваат луѓето е количеството на изедени жолчки, а кога станува збор за белките, според оваа група експерти, дури е и препорачливо да се јадат во поголеми количини, бидејќи се богат извор на белковини, кои му се неопходни на секој организам без разлика на која старосна група ѝ припаѓа.

Сепак, и обата табора на експерти во областа на храната се едногласни дека јајца задолжително секој од нас мора да ги јаде, и тоа најмалку по две во текот на една седмица, а најмногу две во текот на денот доколку лицето е здраво. Оваа количина на варени, пржени или печени јајца, во никој случај не може да предизвика штета на организмот.

Според нив, просечна возрасна личност, без никаков проблем може да внесува по две јајца дневно.

Направени се многу истражувања

Околу прашањето колку јајца во текот на еден ден може да изеде еден возрасен човек, направени се голем број истражувања.

Според едно такво истражување, кое било направено во САД, луѓето што јаделе три јајца во текот на денот додека биле на специјален режим на исхрана, успеале да ослабат многу побргу, во споредба со луѓето што биле подложени на истиот режим на исхрана, но со помалку изедени јајца на ден.

Внимавајте на изедените жолчки

Жолчките во јајцата содржат дури 90 отсто калциум, железо, фосфор, цинк, витамин Б1, Б6 и Б12 од вкупната количина на јајцето. Затоа мора да јадете жолчки, но се разбира не во големи количини бидејќи содржат и поголеми количества маснотии, кои е препорачливо редовно да се внесуваат. Уште една предност што ја имаат јајцата е тоа што во својот состав содржат поголеми количества протеини како и витамини што ги растопуваат масните наслаги какви што се витамините А, Д и Е.

За поголемиот број луѓе, колку и да јадат јајца, нивното ниво на холестерол и на триглицериди во крвта нема да се покачи бидејќи во својот организам имаат намалено ниво на заштитени масти.

Сепак, луѓето што имаат дијабетес, висок холестерол или зголемен крвен притисок, треба да го ограничат консумирањето на јајца бидејќи постојано мора да водат сметка околу количината на внесен холестерол. За овие луѓе, препорачаната дневна доза на внесен холестерол во крвта изнесува околу 200 милиграми. Колку за споредба, во една жолчка се содржани 100 милиграми холестерол.

Покрај тоа, добро е да се знае дека јајцата е најдобро да ги внесувате сварени и тоа исклучително во комбинација со свежи сезонски салати, кои ќе ги зачините со маслиново, а не со сончогледово масло.

Секој ден почнете го со две варени јајца

Доколку сакате постојано да имате енергија за лесно да се справите со предизвиците што ги носи секој нов ден, а притоа да се чувствувате свежо и мотивирано, секое утро за појадок јадете по две варени јајца.

Јајцата изобилуваат со многу витамини и минерали.

Од друга страна, пак, поради фактот што во жолчката на јајцата е содржан холин, нивното редовно консумирање ќе ви го подобри помнењето, ќе ви ја подобри концентрацијата, а ќе почувствувате и промена во брзината на вашето размислување и одредени рефлекси постапки ќе ви станат значително подобри.

Во составот на јајцата има и лутеин, кој може да ви го подобри видот. Лутеинот се наоѓа во очните зеници, а неговото консумирање ја штити мрежницата на очите и ја намалува можноста за појава на катаракта.

Инаку, добро е да се знае и дека јајцето е најкорисна храна достапна на човекот и може да го вклучите во дневното мени. Во едно варено јајце се содржани вкупно 70 калории, кои кога ќе ги внесете во организмот ќе ве држат сити подолго време. Покрај тоа, во составот на јајцето има многу витамини и минерали, кои му се потребни на организмот за да функционира нормално.