ЛЕТЕЧКИ ЕЛЕКТРИЧНИ ТАКСИ ВОЗИЛА СЕ ПОДГОТВУВААТ ДА РАБОТАТ ВО ФЛОРИДА

Првиот целосно електричен авион во светот со вертикално полетување може да започне да работи на Флорида во следните години, објави Bloomberg.

Германскиот стартап „Lilium GmbH “ склучи договор за изградба на мрежа од најмалку 10 таканаречени врвни писти со шпанскиот инфраструктурен гигант „Ferrovial“, кој поседува 25% од лондонскиот аеродром „Хитроу“ и управува со уште три терминали во Велика Британија.

Lilium GmbH, кој развива авио-такси возила со пет места, ќе им служи на главните локации на Флорида, вклучително и Мајами и Тампа. Распоредот на првите летови во јужниот дел на државата може да биде објавен оваа пролет, се вели во соопштението на Ferrovial. Компаниите ќе соработуваат во дизајнирањето, изградбата и работењето на аеродромите и капацитетите за полнење. Lilium GmbH има за цел да изврши летови до градовите низ целиот свет до 2025 година.

Компанијата вели дека летечките такси возила нема да произведуваат емисии на штетни гасови, и дека ќе бидат пет пати побрзи од своите автомобилски колеги и ќе произведуваат помалку бучава.

Батеријата на леталото ќе има домет од 300 километри; првичните летови ќе бидат со пилот, но може да работат и во беспилотен режим.

Првиот тест лет се случи во мај 2019 година. Откако ќе биде стартувана услугата, Lilium GmbH очекува патувањето меѓу, да речеме, меѓународниот аеродром Џон Ф. Кенеди во Квинс, Њујорк и Менхетен да чини приближно колку што и употребата на луксузна лимузина .

Стартапот вреди повеќе од 1 милијарда долари откако минатата година собра 275 милиони долари од инвеститори, вклучувајќи ги Tencent Holdings Ltd., Atomico и подоцна Baillie Gifford & Co.