ОФТАЛМОЛОЗИ: 4 СЕКОЈДНЕВНИ НАВИКИ КОИ НИ ГО УНИШТУВААТ ВИДОТ

Честопати го земаме нашиот вид „здраво за готово“ додека не се појави здравствен проблем. Проблемот со миопијата постојано се зголемува и една студија предвидува дека до 2050 година речиси половина (49,8 отсто) од светската популација ќе има здравствени проблеми со очите, пишува The Independent.

Извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) предвидува драматично зголемување на потребата за нега на очите во блиска иднина, истакнувајќи дека најмалку 2,2 милијарди луѓе во светот сега се со оштетен вид.

„Некои луѓе не обрнуваат доволно внимание на здравјето на очите и ги пропуштаат годишните прегледи, кои играат клучна улога во откривањето на состојби како што се катаракта, глауком и макуларна дегенерација поврзана со возраста. Кога ќе се откријат и лекуваат рано, овие проблеми можат ефикасно да се контролираат за да се зачува видот“, вели офталмологот д-р Јорн Слот Јоргенсен.

Тој забележува дека пандемијата исто така одигра значајна улога во влошувањето на проблемите со очите, особено зголемувањето на миопијата.

Офталмолозите ги презентираат факторите што треба да ги промениме за здравјето на нашите очи:

Јадење
Здравата, урамнотежена исхрана може да помогне да се намали ризикот од болести опасни по видот, особено макуларна дегенерација, оштетување на централниот дел на мрежницата што се јавува најчесто кај постарите возрасни лица и предизвикува губење на видот во центарот на видното поле. Макулата – делот од мрежницата што го обработува она што го гледаме пред нас – содржи природни пигменти како лутеин и зеаксантин, кои се наоѓаат во темнозелениот лиснат зеленчук како спанаќот и кељот.

Пушење
Ако сте пушач, откажувањето од пушењето не само што ќе има корист за вашето општо здравје, туку и за здравјето на очите. Лекарите велат дека откажувањето од пушење е еден од факторите што може да го намали ризикот од развој на одредени состојби како макуларна дегенерација и катаракта.

Диоптриски очила
Постои широко распространета заблуда дека носењето диоптриски очила го влошува видот, но лекарите велат дека тоа апсолутно не е точно. Главната причина да носите диоптриски очила е едноставно затоа што ви се потребни. Ако избегнувате да ги носите, ризикувате главоболки.

Лошо осветлување
Работењето или читањето во слабо осветлена просторија може да доведе до замор на очите, непријатност и послаб вид. Офталмолозите истакнуваат дека доброто осветлување е од витално значење за создавање удобни услови за читање и работа.