ПИВО ИЛИ ВИНО- КОЈ Е ПОДОБРИОТ АЛКОХОЛ ЗА ЗДРАВЈЕТО?

Резултатите од студијата спроведена во Кина секако ќе ги израдуваат љубителите на пивото. Според истражувањата, пивото има фантастични состојки со одлични ефекти врз здравјето на луѓето. Велат дека пивото не само што го прави човекот посреќен, туку и поздрав, пишува „Дојче веле“. Но дали е навистина така прочитајте во следните редови.

Авторите на студијата пишуваат дека цревниот микробиом може да разгради некои состојки од пивото и на тој начин позитивно да влијае на имунолошкиот систем. Според нив, деградираните состојки имаат антивоспалително и антиоксидативно дејство, така што штетните метаболички производи ги неутрализираат.

Но, професорот Хелмут Сец, кој со децении ги проучувал ефектите на алкохолот врз човечкото тело, не се согласува со овие тврдења.

Деталното истражување на студијата брзо ќе го расипе расположението на љубителите на пиво. Имено, истражувањето е финансирано од Државната лабораторија за инженерство за биолошка ферментација на пиво, која е дел од пиварницата Цингтао – една од двете најголеми пиварници во Кина.

Дополнително, професорот нагласува дека двајца од петте автори на студијата потекнуваат од лабораторијата на оваа пиварница, па можно е да има конфликт на интереси. Затоа, професорот се сомнева во објективноста на оваа студија.



„Секако, во пивото има одредени состојки кои благотворно делуваат на здравјето, на пример екстрактот од хмељ“, вели професорот.

Тој исто така истакнува дека оксидирачкото дејство на алкохолот е многу поголемо од потенцијалниот позитивен ефект на сите други состојки. Професорот објаснува дека овој оксидативен ефект често доведува до воспаление и го зголемува ризикот од болести – од дијабетес до рак.

„Алкохолот предизвикува рак токму на дебелото црево. Се претвора во ацеталдехид во телото и има токсичен ефект“, предупредува проф. Хелмут Сец.

Не само тоа, според овој професор, пивото е поштетно за дигестивниот систем отколку виното.