ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕ СЕКОЈА ЖЕНА ЗА МЕНОПАУЗАТА?

Менопаузата, позната и како климактериум или втор пубертет, го означува крајот на менструацијата, а со тоа и можноста жената да раѓа и да го проширува семејството. Менопаузата се дефинира како состојба на отсуство на менструација во текот на 12 последователни месеци.

Завршувањето на репродуктивниот период е резултат на намаленото лачење на женски хормони (естроген и прогестерон) од јајниците. Транзицијата од плодна во неплодна состојба кај жените се случува постепено, во текот на неколку години и е последица на биолошкото стареење. На крајот, јајниците веќе не произведуваат јајце-клетки и жената не може да остане бремена.

Жешки бранови, зголемување на телесната тежина, несоница, нервоза, необјасниви промени во расположението, сексуални проблеми, уринарна инконтиненција, отсуство на менструација… менопаузата е пресвртна точка во животот на секоја жена. Тоа е неизбежна природна појава проследена со телесни и психолошки промени кои варираат од жена до жена.

Особено е полезно жените да се информираат што точно ги очекува во менопаузата, како и за различните опции кои им стојат на располагање во случај да им биде потребна помош за полесно поднесување на симптомите и евентуалните последици.

Почетокот на менопаузата е строго индивидуален. Најчесто настапува меѓу 45 и 55-годишна возраст, но има и жени кои влегуваат во менопауза во 30-тите или 60-тите години од животот. Се смета дека просечната возраст на која жените стапуваат во менопауза е 51 година.

Никој не може да прогнозира кога точно една жена ќе влезе во менопауза. Но, општо прифатено е дека менопаузата кај жените настапува на приближно иста возраст како кај нивните мајки.

Менопаузата по 40-тата година се смета за нормална и природна.

Менопаузата која настапува пред 40-тата година, независно од причината, се нарекува предвремена менопауза.

Пушењето има големо влијание на почетокот на менопаузата. Пушачките влегуваат во менопауза неколку години порано од непушачките.

Нередовните циклуси се првата промена која ќе ја забележите кога наближувате до 40-тата година, но тоа не значи дека сте во менопауза. Менопаузата настапува при целосно отсуство на менструација 12 месеци по ред. 

Никој не може да предвиди колку време ќе трае овој период. Може да бидат потребни од 2-8 години, а некогаш и повеќе, пред менструацијата целосно да престане.

СИМПТОМИ КАРАКТЕРИСТИЧНИ ЗА МЕНОПАУЗАТА

Нередовна менструација;
Жешки бранови;
Ноќно потење;
Уринарна стрес инконтиненција;
Главоболки;
Сувост на вагината;
Ниско либидо;
Сува кожа;
Промени во расположението;
Забавен метаболизам;
Зголемување на телесната тежина;
Проблеми со спиењето (инсомнија);
Недостиг на енергија;
Депресија;
Вознемиреност;
Болки во зглобовите.