СО СКОКАЊЕ НА ЈАЖЕ ДО ФИТ И ЗДРАВА ФОРМА!

Веднаш да си кажеме, оваа фитнес активност не е за оние кои се претешки, но совршена е за оние кои имаат десеттина килограми повеќе и сакаат да ослабнат.

Скокањето со јаже е подобро од трчањето бидејќи се активираат и рацете, а и целото тело е во движење. Предноста е и во тоа што ова е една од најевтините вежби. До фрустрации може да дојде ако навалувате, а не ви оди баш добро, сепак не откажувајте се. Поставете си цел дека првите два- три дена ќе прескокнувате со јаже вкупно 30 секунди до 1 минута дневно. Следните два –три дена поминете на минута до две, и така зголемувајте го темпото.

За да биде ефикасна дневната „доза“ на прескокнување со јаже би требала да биде 5 до 10 минути. Тие минути може да ги поделите на два или на три пати во денот.

И, повторно ќе кажете дека немате време? Дека немате за себе пет до десет минути во денот за да се „ослободите“ од калориите внесени со цел еден ручек?

Постојат повеќе начини да скокате со јаже, од обичен начин до вкрстен. Главната грешка која често се прави е свиткувањето на колената. Многумина мислат дека така е полесно, но сепак така е погрешно. Кога ќе прескокнувате јаже најдобро е нозете да ви се малку одделени и истовремено со двете нозе да го прескокнувате јажето. Кога основната вежба ќе ја практикувате (а за тоа ви треба само некоја минута вежбање) можете да преминете на други комбинации.