СОВЕТИ ЗА ПРВ УСПЕШЕН СОСТАНОК

Првиот состанок е полн со очекувања и прашања – дали ќе му се допаднам, дали е тој/таа вистинскиот, дали ќе направам или кажам нешто погрешно и ќе се посрамотам, дали ќе има хемија меѓу нас, дали ќе испаднам смешен/на во разговорот, како ќе помине целата вечер?

Нормално е да ви се мотаат овие прашања низ главата, но не се грижете многу. Клучната работа е да бидете релаксирани, да уживате во вечерта и да не се анализирате себеси многу. Без оглед како ќе помине првиот состанок, најдобро е и двајцата да заклучите дека сепак и тоа е некое добро и вредно искуство. Еве некои мали совети кои ќе ви посочат што треба, а што не треба да правите на првиот состанок.
.

Треба да:
Изберете соодветно место за прв состанок
Ако вие треба да го одберете местото, тогаш одберете некој кафе-бар, ресторан или некое место кое знаете дека му се допаѓа на вашиот партнер. Пијачка во бар или фин ручек во интимен ресторан е одлично место за прв состанок. Предноста на првиот состанок е тоа што тој може да биде краток, бидејќи може да се случи да не си се допаѓате еден со друг. Па затоа, мали ресторани и барови се одличен избор. Но, ако има хемија меѓу вас, можете да го продолжите состанокот така што ќе отидете на некое друго место или ќе испланирате следен состанок. Обидете се да избегнете бучни места каде што нема да можете да се слушнете еден со друг. Избегнувајте кино сали, спортски настани или состаноци дома (освен ако не го знаете партнерот многу добро).
.

Дадете свој придонес
Облечете се соодветно како според местото каде што ќе одите, така и според тоа како вие се облекувате и кој е вашиот стил. Тоа ќе покаже дека се грижите за себе и за тоа како изгледате и така ќе оставите добар впечаток. Неизмиена коса, лош здив, извалкани алишта нема да освојат никого. Важно: Не претерувајте со алкохолот, освен ако не ви е во план да станете груби, лоши, смешни, насилни и здодевни.
.

Бидете љубезни
Без оглед дали помеѓу вас има хемија или не, бидете љубезни спрема другиот. Тоа не ве чини ништо, а сепак ќе предизвика огромно задоволство во неговите очи. Љубезноста не значи дека треба да лажете или да давате лажна надеж. Не му кажувајте на другиот дека ќе му се јавите наредниот ден ако навистина не го мислите тоа.

Го оставите емоционалниот багаж дома
Многу исповеди за вашето минато, лоши навики и поранешни љубовни врски не оставаат добар впечаток, ниту пак го интересираат партнерот. Првиот состанок е како интервју за работа – треба да ги истакнете најдобрите ваши особини, а не да се осврнувате кон слабостите. Секако, ако партнерот ве праша директно прашање како: „Дали сте во врска?“, добро е да му одговорите искрено.
.



Бидете свои
Направете партнерот да ве види во вистинското светло. Не се обидувајте да бидете тоа што не сте, туку покажете се токму такви какви што навистина сте. Не сакате другиот да се вљуби во некој што вие не сте навистина. Направете партнерот да ве засака и цени такви какви што сте.
.

Не треба да:
Доминирате во разговорот
Ако во целиот разговор вие сте тој кој зборува, особено ако зборувате за вас, давате лош впечаток дека не сте заинтересирани за другата страна. Партнерот ќе се чувствува убаво ако види дека го слушате и му поставувате прашања. Обидете се колку што зборувате толку и да слушате.

Ги заборавате убавите манири
Игнорирањето на убавите манири иритира и не е воопшто привлечно. Еве некои на кои не треба да заборавите:

Не доцнете, а ако доцните известете го партнерот;
Исклучете го мобилниот телефон или ставете го на Silent;
Заблагодарете се ако партнерот ја плати сметката.

Може да дознаете многу работи за една личност ако го набљудувате начинот на кој истата се однесува со келнерот, како реагира ако нешто излезе надвор од контрола, како се однесува во сообраќајна гужва и слично. Не е доволно да бидете љубезни само кон вашиот партнер, туку и кон сите останати луѓе. Тоа добро ќе се одрази и на вас.

Избрзувате со заклучоци
Многу од нас донесуваат брзи заклучоци за некого со само неколку минути поминати заедно. Првиот впечаток во повеќе случаи е погрешен. Потрудете се да не донесувате заклучоци веднаш. Поминете повеќе време со партнерот за да го запознаете подобро. Два до три состаноци треба да се доволни за да оформите прилично добар впечаток за личноста.

Ги избрзувате работите
Не се внесувајте емоционално многу рано, пред да го запознаете партнерот доволно. Сексот е моќна алатка, но ако спиете заедно уште на првиот состанок, многу е голема веројатноста тоа подоцна да доведе до фундаментални проблеми меѓу вас. Кинење алишта и копчиња од кошула, секси деколте, интимни допирања…сето тоа оставете го за малку подоцна.