Потребни состојки:
10 килограми црвени пиперки
3 големи модри патлиџани
500 милилитри масло
сол по желба
1 голема лажица шеќер
Начин на подготовка:
Испечете ги пиперките и веднаш по печењето ставете ги во пластични вреќички барем половина час за да омекнат и да се олесни чистењето на лушпите. Кога ќе се изладат малку, излупете ги пиперките и исчистете ги семките, па наредете ги во голема цедалка или мрежеста подлога за да исцедат што е можно подобро (потребни се најмалку 3 часа за цедење). Испечете ги модрите патлиџани и исто како пиперките оставете ги кратко во вреќичките. Излупете ги и оставете ги да се цедат. Сомелете ги исцедените пиперки и патлиџани во рачна машина за мелење месо, па префрлете ги во голем лонец и печете на тивок оган. Во текот на готвењето, потребно е смесата непрестано да се меша. Постепено долевајте по 100 милилитри масло на секои 20 минути. Мешајте без престан, оти маслото не смее да излезе на површина. Ќе знаете дека ајварот е готов кога со дрвената лажица ќе поминете по дното од лонецот и ќе го видите дното. Солта и шеќерот додајте ги пред крај, односно во последните 20 минути од готвењето.
Во меѓувреме, додека ајварот се подготвува, потребно е да ги подготвите теглите. Земете чисти тегли, загрејте ги во рерна на 50 степени и ставете го ајварот во нив додека е уште топол. На врвот од наполнетите тегли ставете малку масло и затворете ги со капак, па наредете ги во кутија и покријте ги со чаршав. Оставете ги постепено да се ладат покриени 24 часа, па чувајте ги на ладно и мрачно место.
На здравје!