КНИГА НА ДЕНОТ: SUCCUBUS ОД КАТЕРИНА ШОШКО

Катерина Шошко македонски романописец, родена е на 3 септември 1986 година, во Скопје. Катерина Шошко средното образование го добива во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Во 2008 дипломирала на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје, на насоката Политички науки, а во 2013 магистрирала на истиот факултет, на насоката Применета политика.

Од 2011 пишува за домашни електронски медиуми. Покрај фриленс пишувањето на веб и блог содржини, електронски книги, преводи од англиски и српски јазик, работи и како СЕО контент писател.

Во 2016 година, издавачката куќа Слово љубве – Букви букс го издава нејзиниот прв роман, психолошко-криминалниот трилер „Крвава Месечина“. Издавачката куќа Антолог го издава нејзиниот втор роман, натприродниот трилер „Случајот Чернобог“ и последниот трет неверојатен роман Succubus. Авторката живее и работи во Скопје.

„Се знае и за ѓаволските книги што си ги читала. А се знае што чуваш во ковчежиња и дека си го уби свршеникот. Си станала сукубус. Знаете што е тоа?“ Иако им се обрати на стражарите и Тобиас, не се се заврте кон никој од нив, туку со перверзна надменост гледаше во Луција. „Ајде, ти барем си читала, знам дека знаеш. Народот ги вика сукуби, женски демони, мачат мажи, ги снеможуваат, им ја крадат силата.“

Почеток на XVIII век. Палењата вештерки низ Европа се стивнати, но не и исчезнати. За време на неделна миса во катедралата, шеснаесетгодишната Елисавет здогледува таинствена туѓинка и во истиот миг се опседнува со мистеријата околу неа. Луција Лилит Абдеел, омажена за локален благородник, покрај таинственоста, во новиот град со себе ги носи и гласините дека била осомничена за вештерство.

Самаел, црковниот прислужник и другар од детството на Елисавет, наоѓа начин да ја пикне на работа во богаташкиот дом на туѓинката. Елисавет гледа и сфаќа дека гласините за нејзината господарка не се неосновани, но од ден на ден и нејзината верност кон неа сѐ повеќе расте.

Елисавет, Самаел и Лилит стануваат нечисто свето тројство во обидот Луција да избега од несаканиот брак со човекот кој ја спасил од клада.

„Не горат благородници, Елисавет, запомни го тоа. Горат гревовите како мене и тебе.“

Романот можете да го најдете во Антолог.