РЕЦЕПТ НА ДЕНОТ- МЛЕЧНИ КИФЛИ ПОДГОТВЕНИ ОД ДИЈАНА ЗЛАТКОВСКА

Меките кифли кои се топат во уста се гордост на секоја жена. Денеска рецептот на денот е млечни кифли подготвен од магичните раце на г-ѓа Дијана Златковска.

Состојки:

  • 300 гр. меко брашно
  • 1 кг. остро брашно Т-400
  • 800 мл. млеко
  • 2 лажици шеќер
  • 2 лажици сол
  • 20 гр. сув квасец
  • 100 мл. масло
  • 400 гр. путер

Подготовка:
Во топло млеко ставете го квасецот, шеќерот и додадете две лажици брашно. Измешајте убаво и оставете ја смесата да отстои околу 10 минути за квасецот да почне да дејствува. Во садот во кој ќе месите ставете го острото брашно. Во истиот сад ставете го квасецот и млекото. Измешајте со дрвена лажица. Додадете го маслото и солта и потоа повторно измешајте. Во смесата потоа додадете го пола од мекото брашно и измесете. Ако тестото е лепливо додадете уште брашно и премесете го. Откако ќе го измесите тестото оставете го еден саат да нарасне.
Откако ќе нарасне извадете го тестото и повторно премесете го но не месете многу време за да не стане тврдо. Потоа поделете го тестото на два дела. Првиот дел развлечете го со оклагија во вид на правоаголник. На тесто изрендајте путер. Потоа тестото завиткајте го во ролат. Ролатот пресечете го на половина и оставете го да отстои додека истата постапка ја повторувате со другиот дел од тестото.
Земете ја едната половина ролат, и развлечете ја, но прво истискајте го ролатот одозгора за да не ви истече путерот. Влечете повеќе лево десно, отколку горе долу. Со оклагијата развлечете тесто со дебелина од 3-5 милиметри. Потоа сечете го развлеченото тесто на тријаголници. Кифлите можат да ви останат празни, но може и да ставите фил по желба. Потоа кифлите ги виткате на стандарден начин. Ставете ги во плехот за печење, премачкајте ги со јајце, ставете малку путер и наросете со сусам . Оставете ги да постојат додека рерната се загрее. Печете 15- 20 минути на 200 степени.
Истата постапка направете ја и со останатите ролати.
На здравје!