РАЗУМНОСТА НА КУКАВИЦИТЕ: ЕТИКА НА ДОЛЖНОСТ ИЛИ ЕТИКА НА ХРАБРОСТ

Лајбниц својата одбрана на Бог или како што е оригиналниот наслов на книгата „Теодикеја“ ја сублимира во реченицата „Овој свет е најдобар од сите можни светови“.

Доброто е главниот предикат на светот, а светот е божјо дело, е тезата што ја докажува Лајбниц.

Но, оваа добро позната максима во историјата на филозофијата, може да се замени со „Овој свет е најкукавичкиот од сите можни светови“.

Единствена причина зошто светот е кукавички, е затоа што тој е дом на кукавици.

Веќе не е важно дали светот е создаден или настанал, кој го создал светот и какви се неговите атрибути во очите на создателот, важно е дека овој свет е дом на кукавици.

Во фолклорниот систем на вреднувања кукавиците често се опишуваат како „мирни и пристојни“ суштества кои разумно размислуваат за ефектите и последиците од своите зборови и дела.

Во македонскиот систем од вредности луѓето кои не се осудуваат на дејство или реакција, не се нарекуваат кукавици, туку се нарекуваат мудреци.

Македонскиот идеал за мудрец е човек кој не предизвикува промена, бидејќи како конзервативна средина го осудуваме и поменот на промената и нејзиниот потенцијал.

Со однос на тоа дека е идеал да не предизвикаш промена, тоа значи и да немаш реакција на случувањата околу тебе. Во таа смисла македонскиот мудрец тежнее кон целосна пасивизација која ќе го спаси од потенцијална одговорност за она што ќе се случи како ефект во иднината.

Системот на вредности ја вопоставува етиката на должноста, ама не онаа етика на должноста како што ја разбира Кант во „Критиката на практичниот ум“ – како должност да се дејствува согласно објективните принципи на волјата, туку должноста да се молчи, должноста да се биде отсутен и должноста да се биде изземен од се што евентуално би можело да не тангира.

Идеалот за пасивен мудрец постои и во киничката школа, но додека киничкиот мудрец е пасивен поради градење на иманентен и богат со етички принципи – свет, македонскиот мудрец треба да е што попразен.

Нашето општество ја преиретизира етиката на должноста, повикувајќи на должности кои се фиктивни, необјективни, неоправдани и неразумни. Бидејќи должност е да се молчи и да се биде отсутен, секоја етика на храброста се осудува како неразумна, лудачка и пред се опасна за мирот и безбедноста.

Првата филозофина од овие простори Ксенија Атанасиевиќ во збирка есеи наречена „Етика на храброста“ пишувани во периодот од 1929 до 1941 година забележува дека:



„Дури и оптимистите признаваат дека денешното непочитување на туѓата личност и храброст води кон сузбивање и сквернавење на туѓите права … И никој веќе не се грижи за туѓите права, затоа што неправдите се повторуваат премногу често и затоа што луѓето се големи кукавици да застанат во одбрана на правата на другите луѓе“.

Да се биде воден од етика на храброста значи да не се биде свесен баш секогаш за последиците кои може да ги остават твоите дејства, секако иднината никој не може да ја предвиди, освен ако не верувате во гатачки, хиеромантии и пророштва на астролозите.

Храбрите се водат од внатрешниот порив да одговорат со волја на она што сведочат. При тоа, никогаш не е во прашање личната вклученост и интерес во начинот на кој се реагира. Храбриот во секоја ситуација, без разлика на степенот на вклученост во чинење на неправдата, одговара на идентичен начин.

Времетраењето од стимулот до реакцијата на храбриот е помало отколку на „мудриот“ бидејќи мудриот прави бесконечни анализи што на крај завршуваат со апории кои не водат кон дејство. Македонскиот мудрец останува заглавен во прашањето што треба да правам, додека храбриот веќе постапил согласно внатрешните пориви.

Во тој случај храбриот има автономија на своите постапки, тој се води само и исклучиво од сопствената волја. Но волјата нема врска со афекцијата. Афекцијата е субјективната маскима на волјата, додека постапување по должност во етиката на должноста е секогаш одредено од моралниот закон кој е универзален и асполутен.

Кант моралниот закон го дефинира вака: „Постапувај така што максимата на твојата волја во секој момент може да се примени како принцип на сеопштото законодавство“.

Етиката на храброста е поврзана со етиката на должноста, таа просто извира од неа. Да се биде храбар е должност, а не избор. Да се биде кукавица е да се биде сосема неетичен, интересовиден, мал и безначаен во етичкиот простор.

Во изместениот систем на вреднување во Македонија, храбрите луѓе се ставаат на чопоративна осуда, на примитивни методи на екскомуникација, се напаѓани и спречувани во своето поле на дејствување. Биографијата на еден храбар човек е биографија на еден длабоко несреќен човек, кој на својот терет ги носи неправдите, и своите и туѓите.

Храбриот човек е уморен човек кој непрестанува да постапува по етика на должноста, секогаш одново и одново реагирајќи на неправдата во насока на унапредување на туѓите права. Тој е сериозно сензибилен човек кој ја оплакува секоја човечка судбина, но не во група и со социјален плач, туку сам настрана од сите погледи, несакајќи да ја убие надежта.

Тој храбар човек е скриен длабоко во комплексот на идеите, недопирлив за куршуми, за зборови, за погледите на осуда, за туѓата инквизиција, битие за другите (според сфаќањето на Сартер), на кое дури ни стравот не му може ништо.

Храбар човек е оној кој е несреќен, но кој знае дека ја прави правдената работа и дека не може да постапува ни на еден друг начин освен на тој на кој постапува!

Автор: Магдалена Стојмановиќ