ПОСТОЈАНО СИ ПОТСЕТУВАН ДЕКА НЕ ВРЕДИШ, ДЕКА ТРЕБА ДА СЕ ПОДОБРИШ

Чинам дека најлошо е кога ќе заборавиш колку вредиш. Долго време си заглавен во вртежот на истите работи од истите луѓе.
Постојано си потсетуван дека не вредиш, дека треба да се подобриш.
Дека што и да направиш, за нив не е доволно.
Па, почнуваш да веруваш на тие тешки зборови.
Забораваш – кој беше, што сакаше, за што сонуваше.
Се вртиш и се вртиш.
Како во река во вртлог која нема крај.
А, гледаш друг свет дека има. Таму, на другиот крај од реката. Таму каде што можеш да запловиш, а да не си во вртежот. Оти таму гледаш среќни луѓе. Луѓе кои меѓусебно си велат дека можат, дека се прекрасни, дека се прекрасни такви какви што се.
Не навредуваат, не повредуваат.
Знам, не знаеш во моментов да пливаш.
Ама обиди се. Замисли дека си на другата страна од реката и дека си среќен
Почитуван.
Сакан.
И со секоја вечер со бакнеж на челото од оние што те сакаат.
И те почитуваат.
И те потсетуваат секој ден колку вредиш.
Со нив, најмил мој, никогаш нема да заборавиш колку вредиш.

Автор: Марија Лозаноска