За поетот стихот е птица
за да се вивне во небесата
и Вечерница да ја прегрне како мајка,
на Полноќница да и легне во скутот на баба,
Деница да ја помилува како девојка стројна
и со зората да го погали утрото.
За поетот стихот е зрак сончев
за да божицата Морена ја пробуди пролетта,
а пчелата да го бакне цветот
и цветот да создаде строфа,
строфата да создаде песна,
која за едно ќе пее,
а за друго ќе мисли.
За поетот стихот е звук
за да го насмее бебето,
за да создаде од детето човек
и староста да ја претвори во мудрост,
а смртта да постане почеток на живот.
За поетот стихот е зрно песок
за да биде избран да влезе во школка
и низ болка, од солзите да стане бисер
за него, за тебе, за секого,
за … светот.
Автор: Љубица Бошкова