ДЕНОТ НЕМА ДА Е ИСТ, НЕМА ДА БИДЕМЕ НИ НИЕ

Денот кога ќе бидеме слободни нема да се разликува многу од денешниот.
Сонцето од исто место ќе изгрева и ќе заоѓа.
Планините нема да се поместат, реките нема да сменат течение.
Птиците нема поразлично да летаат.
Денот кога ќе бидеме слободни ќе бидеме само ние различните.
Денот кога ќе бидеме слободни другите ќе ни речат дека сме слободни.
Излезете надвор, готово е!
Па ќе излеземе, сите.
Старо, младо, машко, женско.
И таа слобода нема да биде за сите иста.
Денот кога ќе бидеме слободни ќе се чудиме што нè снашло.
‘Ова ли е слободата за која што се раскажуваше?’, ќе се зачудиме.
Многумина ќе очекуваме злато да ни паѓа од небо.
Чуда на секој чекор.
Подобри луѓе, подобри плати, коли, луксузи, забави.
Денот кога ќе бидеме слободни за некого ќе биде уште посреќен.
Луѓето се среќни, ќе речат.
Здрави и живи сме, ќе помислат.
Природата блеска, блескаме и ние.
Не ни треба многу повеќе.
Денот кога ќе бидеме слободни за некого ќе се чека тогаш.
Другите се ослободени и сега.
Од завист, злоба, алчност.
Од предрасуди, озборувања, заговори.
Од барање многу, недавање ништо.
Тие секој ден слободно љубат.
Слободно размислуваат.
Слободно примаат убави мисли.
Слободно ги споделуваат мислите.
Денот кога ќе се ослободиме ќе биде сончев.
Со променливо време.
На места со врнежи од солзи.
Денот нема да е ист.
Нема да бидеме ни ние.

Автор: Марија Лозаноска

Писателката од Лозана