Сѐ што е поврзано со цивилизациски редови, чекања низ долги ходници и потсетници за замрзнати ветувања, надеж за остварување единствено на крајот на приказната. А што ќе ми е било што кога ќе излезам од тунелот? Влегување двајца по двајца, држење за рака, полиса за осигурување на стравот, сладолед со ванила, ф᾿стаци, па дури и најприродното чудо како доказ дека со сето тоа нешто не е во ред, кога цветот на јаболкото повторно во април ќе ја покаже својата раскошна мешавина од бело, црвено и сино. Вертикалното на нестварен начин е залегнат олук виден од агол на цилиндрична автореферентност, исправен по работ на бездната, како претеча на телескопот. Како бавна подготовка за можното разочарување дека во далечината нема да се покаже никаква глетка којзнае колку поразлична од онаа што би ја видел под лупа на своето колено. Дека кругот се мери со километри пропешачени во атарот на планетата „…таа и таа“, дека горе не е доле во истото време во кое доле исто не е горе, и дека во нивното вкрстување има преклопување и во пресекот фина мала женска внатрешност со мирис на сушени сардини коишто живи се печеле на сонце во центарот на сето тоа. А не избегале од низата затоа што биле нанижани со рибарски конец откако претходно биле фатени на јадица. За случајностите не се расправа.Од тој синџир со сигурност на штотуку спален научник одекнува дека повеќе не е помалку, но помалку е повеќе, во стилот на светлината која не е знаење, но знаењето на чудесен начин свети како патоказ овде-онде по раздрнданиот космички асфалт, на истиот начин и со истата магија со која еден зрак е доволен да го осветли најгустиот мрак, додека да кажеш спанаќ. Макар на дното на океанот, макар во лапсус калами на домаќинката што во рецептата несакајќи, наместо црна репка напишала сто грама црна дупка.
Автор: Будимка Поповска