ГЛЕД

Рожницата ми рони
спомени од езерскиот брег
и шум од школки
бело блеснати ко снег.

Во утрово се вѕира само
пребирот на јато галеби
и досетот на пет-шест деца
за игри со риби и жаби.

Мирната вода сега
во себе се скрива,
а тињата осамата
на грст камење ја впива.

Реквиемот на алгите
вибрира во самотија,
а гледот го хипнотизира
хип-хопот на мала змија.

Еден човек што ја мереше
(гр)убоста на плиткоста
молскавично со камен ѕвекна
и ја секна оваа полифонија.



Во засекот на мигот
и времето се згрчи.

Дали љубопитникот ја столчи
лошотијата на змијата
или ги уби нашите предрасуди!?

Овој наум
ќе ми е за ум
што бев
и сега
што сум.

Автор: Весна Мундишевска-Велјановска