ХУЛИГАНУ! НЕ МЕ РОДИ МАЈКА МИ ЗА ДА МЕ МАЛТРЕТИРАШ!

Сме слушале многу за тоа како жените се бореле за својата рамноправност. Постојат разни феминистички кампањи и организации за правата на жената, за нејзината слобода и еднаквост со спротивниот пол. Но како и се во денешницата во нашето модерно, современо и иновативно размислување или наметнување на туѓото, пополека но сигурно успеавме да постигнеме непоправлив хаос во сите можни насоки. Па така и движењето на „фенси“ феминистките и нивното дејствување почна да се движи во тотален банален смер, како покажување на еднаквоста со спротивниот пол со тоа што излегуваат несредени, се шетаат со влакна и применуваат други машки манири… Моето размислување како жена драги феминистки не е да се стремите да бидете над или рамноправни со мажите со тоа што ги правите ваквите дејствувања кои според мене не водат во насока на слободна и рамноправна жена… Во овој 21-ви модерен век жените имаат право и слобода на контрола над сопствените тела начин на живот и размислување, да работат тоа што го сакаат, да си дозволат сами финансиска слобода и да не се ограничени во никој поглед за да бидат активни во општеството.

Ајде сега една секојдневна приказна која за жал е вистинита и честа во нашето општество…
Млада убава образована девојка дозволува да биде „влечена“ од некој хулиган во покушај фраер, исфрустиран , искомплексиран без самодоверба, ни „М“ од машкост со нисоки стандарди на култура и однесување.

Јас сега едно се прашувам… Зошто оваа девојка мисли дека тој „мамин син“ ја поседува и може/„смее“ да и наметнува начин на живот како таа ТРЕБА ДА ЖИВЕЕ?! Јас исто се чудам дали ова девојче се зaпрашало како би и било секое утро без тој хулиган?!

Девојко! Сигурно си се запрашала и сигурно доаѓаш до моментот „не можам да дишам без него го сакам повеќе од се и никогаш нема да засакам друг, тој го прави тоа за мое добро“… Девојко, девојко… Сигурно тој „принцот“ ти кажува како да се облекуваш, кога да излегуваш (ако смееш да излегуваш) како да се однесуваш, со кого да се дружиш, да ја оставиш работата… Ти наметнува дека се што правиш „не е добро“, ти кажува како ти не припаѓаш таму каде што си го имаш својот круг и мир, пријателките не ти се добри – ти мислат лошо и ти љубоморат… И доаѓаш до тој волшебен заклучок дека тоа е твојата судбина и дека ќе се смени со тек на времето бидејќи многу те сака ти мисли добро и поради тоа крева прашина… Не, не девојко… тебе тој те менува, те „делка“ и дури се сетиш да се погледнеш во огледалото нема да се препознаеш тоа како од тебе направил фигура без душа, без сопствено јас, без свои соништа… Толку ти го пере мозокот до тој степен што почнуваш да се двоумиш дали си тоа ти и што ти се случило… Не личиш на себе, не си своја немаш свое хоби, незнаеш што те прави задоволна, спиеш и живееш за моментот кога тој ќе те бара и ти кажува што треба да правиш… ако те ставил во неговиот план- СУПЕР, почнуваш да се чуствуваш некако… Некако сакано… Имате договорено вечера, ти се спремаш, облекуваш фустан, се шминкаш за да го импресионираш, да му привлечеш внимание, да го видиш како му светнуваат очите, да каже тоа е мојата девојка, да се радува што си го одбрала баш него од сите прилики… И се појавува фраерот и „забавата“ почнува… „Ти да не си се мрднала?! За кого ваква си се облекла, да те гледат другите и очите да им паѓаат по тебе!!! Ти ја треснува вратата излегува и оди по тоа што навистина го има испланирано со другарите по дискотеки, кафани и најчесто завршува со некоја девојка, а ти златна дамо остануваш дома бесна и лута со влажните марамчиња, се кинеш од плачење и ја бараш грешката во себе и така цела во солзи уморна и скршена заспиваш…



Тоа се случува бесконечно многу пати и постојано се повторува а најжалното е тоа што сама си свесна како „фраерот“ те манипулира и те врти со малото прсте, те понижува и прави будала од тебе… Другарките сакаат да ти ги отворат очите а ти измислуваш причини за да го оправдаш тој неблагодарник со толку баналниот и познат муабет како тој се грижи за тебе, па како кога греши ти се извинува и дека сепак иако е избувлив тој е многу добар човек… Типот во суштина еднаш во сто денови е фин и знае како да ти влезе под кожа… и тоа е само за да си ја оствари својата одредена цел поврзана со тебе бидејќи во тој момент си му потребна баш тогаш… И така ти минуваат деновите, годините, младоста со повторување на
„бајката“ дома, бесна и лута… си кажуваш на себеси дека ќе го оставиш… ама не денес туку утре или задутре…
Моето прашање е… Зошто се трпи сето ова мои дами на 21-от век?
Кога жените веќе ги имаат сите права колку и мажите, зошто тие самите си градат неудобни кафези, не се самопочитуваат и се потчинуваат?!

Во 21-от век, век на еднаквост и рамноправност ЖЕНИ ПРОНАЈДЕТЕ СЕ СЕБЕСИ!!! Предлагам да почнете од човекот што го нарекувате „срце“, „душо“, „злато“ дали тој човек навистина ги заслужува овие зборови и пред се тој да ја има честа да биде со вас?! Не е важно дали сте на 18, 20, 30 години…
Вашите родители ве чувале како капка на дланка, ве воспитувале, ве учеле како да постапувате во животот, ви дале поддршка , слобода да се изградите на личен и професионален план баш како што вие би сакале… А вие драги мои дами дозволувате некој хулиган со високо его и разно- разни комплекси сето тоа да го уништи и сруши, да ве направи без самодоверба, безвредна,огорчена и несреќна личност… Да ви ги сруши сништата, да ве убие вас во себеси… Простете ми драги мои на муабетов сега но единствено нешто што треба да му кажете на тој безвредник е дека слободно може да оди во мајчината за век и веков!!!

Автор: Александра Трнковска