Ќе чекорам во твоите мисли, полека, за да ја видиш мојата убавина. Не оваа од надвор, не, не! За да ми ја видиш душава. Некогаш и таа грешела, болела, плачела, љубела. Се радувала. И многу распукала. Ја закрпив со најсилниот конец. Два пати, ред за ред. Се колнев на секој убод од иглата дека никогаш нема да заљубам пак. Дека никого нема да пуштам внатре повеќе. Дека како пустина ќе ја оставам, нит камен да не ја олади. Само ветрови да веат низ неа, и моите соништа закрпени внатре. И дека никогаш нема да заплачам. Очиве солза да не ми пуштат. Во душава го затворив едно девојче. Едно невино девојче кое веруваше во луѓето, кое веруваше во љубовта, во добрината. Го затворив девојчето кое бев! Не за да ја натажам, не, не! Туку за да ја заштитам. Да и ги сочувам соништата, нејзината верба. За да верува во својот свет и нејзиното срце да остане вечно чисто. Ја посетувам често, секогаш кога некој ќе ми каже дека не можам, дека нема да успеам, дека нема да бидам љубена, сакана! Секогаш кога овај свет ќе ми го сврти грбот и ќе ме потсети колку е суров, кога некој човек ќе ми покаже дека од камен повеќе боли! И го гледам тоа девојче, се гледам себе си! И си ја ставам раката на душа, се насмевнувам и се враќам среќна. Среќна затоа што никој, никогаш, нема да може да ме земе од себе. Среќна затоа што никој нема да ме поколеба во мојата верба. Среќна затоа што успевам да останам човек. Среќна затоа што никогаш нема да ме сопрат да си ги исполнам соништата. Среќна затоа што ќе бидам љубена. А ти во кои мисли ќе чекорам, еден ден ќе се покаеш и горко ќе заплачеш. Не за мене, не! Туку за себе. Затоа што кога ќе видиш што значи да се биде човек, дека луѓето се среќни затоа што имаат можност да почувствуваат среќа и болка, а ти не го знаеш тој благослов. Кога ќе ја ставиш раката на твоето срце и ќе почувствуваш дека ништо не чука внатре, дека камен имаш, нит да те здоболи нит да те насмевне. Ете тогаш горко ќе заплачеш зошто ќе посакаш да бидеш човек. А јас? Јас ќе продолжам да си ја чувам малечката ЈАС, која вечно ќе го одбира доброто наспроти злото, и љубовта наспроти омразата. Ете така.
Автор: Јасмина Петковска
Белиот Лебед