КАКО ДА НАПРАВИТЕ СЛАТКО ОД КАЈСИЈА!

Потребна ви е малку вештина, време и трпеливост за да подготвите највкусно слатко од кајсија. Сè друго можете да купите на пазарот.

Состојки

  • 1 кг кајсии
  • 1,5 кг шеќер
  • парче вар
  • сок од еден лимон

Подготовка

Кајсиите се лупат, им се вадат коските па се ставаат во варова вода да отстојат 2 часа. Потоа една по една убаво се мијат и се ставаат да се исцедат.



Додека се цедат, од шеќерот и водата се вари шербет кој врие околу 15 минути, па исцедените кајсии се ставаат во шербетот и слаткото се вари на тивок оган додека шербетот не се згусни (околу 30 – 40 минути, можеби и малку подолго).

За да проверите дали шербетот е густ, извадете малку во тацна и оставете да се излади. Потоа проценете за густината. Додека слаткото се вари, повремено со лажица собирајте ја пената.

Откако ќе се свари, тенџерето се покрива со влажна крпа (убаво исцедена) и се остава да се излади. Слаткото се собира ладно во ладни тегли.