КНИГИ ОД МАКЕДОНСКИ ПИСАТЕЛИ КОИ ЌЕ ГИ ПРОЧИТАТЕ ВО ЕДЕН ЗДИВ

„На работ од времето“ од Моника Трајковска
Ако сте расположени за научна фантастика, поточно, постапокалиптична дистопија, тогаш можеби ќе ви се допадне книгата – На работ од времето! Станува збор за првиот дел од трилогијата Наследството на Вероника, каде што го запознаваме новиот свет преку очите на млада девојка со неверојатни способности, која живее во далечна иднина на планетата Земја.

„ Крвава месечина“ од Катерина Шошко
Романот Крвава месечина ги спојува не толку популарните жанрови кај нас, крими-романот и психолошкиот трилер, но така што тие не се наметнуваат како негова главна карактеристика, туку можеби се јавуваат како потпрашање или контекст во приказната за Луна и за нејзината одмазда. Меѓутоа, во многуте други приказни што ќе се следат во Крвава месечина, во испреплетените и понекогаш романтичарски извонредни соодноси на ликовите, ќе стапнеме малку во политичките перипетии, ќе ги видиме заразноста на семејната драма, намамувачките игри на романтичната драма, средношколската драма, и комплексноста на семејното насилство.


„Куфер за тројца“ од Живко Грозданоски
Со голема леснотија и многу хумор, кој понекогаш е урнебесен, а понекогаш многу горчлив и повеќе нè тера на плачење отколку на смеење, авторот зборува за сеопштата ‘сапунизација’ и тривијализација на секојдневието, вешто поигрувајќи си со конвенциите и општите места од она што е масовна и поп-култура. Боејќи ги приказните со локален колорит, Грозданоски не ги штеди малограѓанштината, глупавоста и плашливоста на просечниот човек.


„Со ветрот под рака“ од Д. А. Лори
Д.А. Лори ни нуди таков жар додека читаме што забораваме дека внатрешното устројство е исполнето со интимен порив. Соживувањето со поетскиот глас е неизбежно, стилската изведба со жестокост, но и со доза избалансирана, умерена итрост си поигрува со архетипите што ни се досега (не)познати, симболичност што плови на моменти во мирно море, а на моменти нè фрла во вакуумот помеѓу карпата и бранот што удира во неа. Чувството да се има новата книга на Д.А. Лори, Со ветрот под рака, во свои раце пред другите и да знаеш дека таа создала едно дело што ќе остане врежано во историјата на современата македонска поетика .


„Spectator“ – Жарко Кујунџиски
Набљудувам. Патувам и го набљудувам светот. Патувам низ светот за да ги набљудувам луѓето. Нивната љубов, патувам низ нивната љубов, воздишки, тага и разделби, нивните радост и возбуди. А дома сум. Го читам Spectator, го читам Жарко Кујунџиски. И треба да кажам нешто за книгата. Јас не сум книжевен теоретичар. Кога пишувам сум писател, кога читам сум читател. Но, кога зачекорив во светот на Spectator, станав нешто трето, станав читател кој во себе раѓа писател, затоа што читав и сонував свет што и јас сакам да го надградувам.




„Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска
Со исклучителна наративна техника, овој несекојдневен роман на Фросина Пармаковска е хроника за растењето, раскажана од перспективата на мало детенце, а подоцна момче. Тој е толку уникатен колку и неговиот необичен живот и патот кој ќе го однесе од мало прашливо македонско селце до Париз. Времето кое не запира со сите премрежија и настаните кои се македонски, а всушност толку универзално познати длабоко ќе ве потресат.


„Сестрата на Зигмунд Фројд “ од Гоце Смилевски
Авторот се вбројува во групата на најпреведувани писатели во Европа, а овој мајсторски роман фрла сосема поинаква светлина врз семејството на Зигмунд Фројд.

Сите знаеме по некоја детал за „таткото на психоанализата“, но што се случува со останатиот дел од неговото семејство? Што кога нараторот на приказната е неговата сестра Адолфина?
Потресен, трогателен, мајсторски напишан. „Сестрата на Зигмунд Фројд“ има одлична приказна и уште подобра нарација која ќе ви ги отвори очите за еден од највлијателните ликови во областа на психоанализата.