НАВИКНИ СЕ

Душо моја, општеството секогаш ќе има замерка што и да направиш.
Навикни се.
Навикни се дека ќе ти се мешаат за тоа кога треба да се омажиш, за кого, колку, какви и кога треба деца да родиш, кога и што да дипломираш, кога и каде да се вработиш и колку плата да земаш.

Навикни се.
Дека и сè по ред да направиш, пак нема да чиниш.
Ако се омажиш млада и млада родиш деца, тогаш си неамбициозна, не сакаш кариера и си само материјал за мажење.
Ако дипломираш навреме, тогаш си бубалица и несоцијализирана.
Ако се вработиш веднаш по дипломирањето, тогаш ти имаш врски и како така преку ред, има други што чекаат со години.
Ако не можат да ти најдат замерка, тогаш сопругот сигурно има швалерка и слични завери.

Душо моја, ќе имаш големи замерки ако правиш и обратно.
Ако не си уште мажена, тебе сигурно никој не те сака, немаш карактер и си дива и дигната.
За деца да не зборуваме, не знам уште што чекаш, ајде.
Ако не работиш по диплома, тогаш ти многу бараш, немаш врски, не знаеш што сакаш, се занесуваш, како така.
Ако не се вклопуваш во заедницата, градот, селото, земјата, тогаш си од оние несфатените.

Душо моја, луѓето секако ќе зборуваат.
Ама тие знаат да си заминат, да те заборават и да си најдат друга жртва за коментирање.
Запомни дека ти знаеш што сакаш и што не сакаш.
Ти имаш желби, фантазии, сништа и апсолутно не сме важни ние.



Душо моја, во ред е да не те допаѓаме, многу од нас не ни знаеме што ни се допаѓа, а што не.
Некои ни самите не си се сакаат.

Душо моја, на крај ти треба да спиеш со мирна совест.
И запомни: токму тие што знаат што прават со својот живот немаат време за коментирање за другите.

Навикни се.
Одмини ги.
Заборави ги.
Прекрасна си што и да правиш.
Доколку го правиш тоа од срце.

Автор: Марија Лозаноска
Писателката од Лозана