НАВРЕДУВАЊЕТО СЕ СЛУЧУВА САМО ОД ОНИЕ КОИ ТАКА СЕ НАВИКНАТИ

Сè уште живееме во општество каде, доколку девојката се слика по бикини, во попровокативно издание или слично, тогаш таа е виновна заради ниските страсти на мажите и нивното исмејување, навредување, редење на несоодветни етикети кон неа.
Во оваа нова ера на фотографијата и уметноста преку неа, и на слободата, ние уште ги каменуваме девојките/жените дека тие се виновни за однесувањето на мажите.
Да појасниме: тие исти мажи се со одреден карактер, со одредено воспитување додека растеле, тие мажи се со одредено ниво на интелигенција, тие мажи за сè ќе бараат провокација и за секоја жена ќе дадат несоодветен епитет.
Не сум сретнала досега воспитани мажи, односно џентлмени, така да зборуваат ниско и навредливо за жените колку и да се разголени или стегнати или кој и да е стил што тие невоспитаните ќе го окарактеризираат како навредувачки.
Да појасниме – има нелуѓе и меѓу жените и меѓу мажите.
И не секоја ‘разголена’ жена ‘си го бара’ и не секој маж ќе навреди.
Ни јас ни никој нема да ги смени оние кои се навикнати на ниски страсти и на навреди.
Ама останатите, кои сме присутни и умствено во новиот век и сме ослободени од секакви старовековни размислувања, можеме да дадеме поддршка на навредуваните и да не судиме кога не сме повикани.
Може секому да се случи да биде јавно навредуван.
А, навредувањето се случува само од оние кои така се навикнати.
Никогаш од добро воспитаните.

Автор: Марија Лозаноска