Син ми снимил зуење на пчели, тихо како зен
и ми го праќа на мобилен.
Душата ми се претвори во уво.
Јас му праќам шум на планински ветер –
возбудлив како адреналин.
Зависник сум од природа:
ако ја нема природата дома, одам јас кај неа.
Син ми снимил црцорење на птици
невино и неврзано како утрински лаф-муабет
и ми го праќа на мобилен.
Умот ми се осветли како небо на изгрејсонце.
Јас му праќам брборење на езерски бранови –
оние кои се идеални за пливање.
Нашата земја е езерска, нашите води се слатки
Сакам да му речам, ама ќе разбере, меѓу редови.
Син ми го доловил ехото на тишината
И ме прашува дали го слушам.
Да не ми го праќа за џабе.
Сакав да му одговорам, ама некој тропна на вратата.
Луѓе во црни чизми и уште поцрн камшик.
Не дошле за џабе, сине.
Ќе сечат и ќе лепат.
Вистината е опасна по живот
но животот нема смисла без вистина.
Ако сакам да живеам,
ќе морам да се соочам со смртта
„о сине тих на мисла сина“.
Оти, ни друг избор имам, ни друга замена.
Автор: Катица Ќулавкова