Сакам кога ќе се разбудам пред алармот. Со насмевка на лицето. Со наспаност во очите. Да бидам среќна и несвесна зошто е тоа така. Сакам кога ќе видам сонце низ капаците. Кога некој зрак ме тера да станам. Нов ден е, а јас сум среќна.
Среќно луда сум. Лудо се смеам, и сакам кога е така.
Сакам кога ништо не ми пречи, кога чекам веќе еден час, но го препуштам редот на бабичката, на бремената, на детето.
Сакам кога сум чесна, искрена, исполнета.
Ме радува долгиот пат, да го минам пеш. Да шутнам по некое камче, да се затоплам од семејната топлина излезена од оџакот од некоја куќа, да им посакам в себе љубов на сретнатиот пар.
Тогаш ќе се сетам зошто сум среќна.
Заљубена сум, па што? Во него се заљубувам како да е тазе отворена чоколада. Цела, со сите коцки.
Се заљубувам секогаш кога ќе се насмевне. Кога ќе ме погледне. Кога ќе молчи како да е моето најпаметно момче. Како да е мојата совршеност. Луда сум. Но, и заљубена, па што?
Ги прашувам другарките дали го виделе. Дали ме погледнува, дали е зад мене. Ги молам да излеземе, да го видам. О, да, тој е мојот совршен симпатија.
Тој е посовршен од најнов пар чевли, срцето ми е пополно од ученички ранец во понеделник. Ги сакам дури и понеделниците, и недела вечерта, и дождливиот ден, и температурата под нулата, и кремот во фрижидер, и горкото кафе, и испиеното вино, и гужвата во сообраќајот, и расипаниот автобус, и работните саботи, и неспаните ноќи, и ладниот туш, и раното утро. Па што, се заљубив!
Светот така ми е поубав. Полесно се поднесува. Тогаш се заљубувам и во себе. Се заљубувам во безвременска поезија. Во новите обетки од другарка ми, во најубавите колачи од мајка ми, во гласот од брат ми, во најновата колекција на фустани, во златната есен, во песочните плажи, во шарената пролет, во снегулката на дланката. Како дете сум. Па, што?
Но, некогаш него го нема. Без него не е поубав денот, светот не сјае, јас не сум убава. Не чинам. Имам грутка во душата кога ми врти глава, кога разговара со друга, кога нема „Како си?“, кога не се смее. Без неговите очи како да не гледам, душата ми плаче кога не ми зборува, секоја песна ме погаѓа, а светот не ме разбира. Во другарите го барам него, се препознавам во секој сличен, зборувам само за него, очите ми се наводенуваат и на јавно место, сакам секој случајно да го спомне, си одам последна, а што ли тој би барал на фајрон? Ми недостига, па што…
И не сакам да ме разбуди алармот, цела вечер плачев, не ни знаев зошто. Не ме навредил, ниту ме напуштил, ниту ме одминал, ниту се преселил. Малку тешко ми е. А, само еден ден не го видов. Па, што? И тогаш заѕвонува телефонот, не е алармот. Ми пишува порака моето најубаво момче. Мојот принц. И сѐ е како пред тоа. Повторно тој е моето цело некаснато чоколадо. Сѐ е како порано, јас пак сум луда, повторно се чувствувам своја. Затоа што сум заљубена, па што?!