СВЕТЛОСЕН ПРЕЛЕТ

Некој невидлив
во клопче ја замота светлината
и си замина преку ридот.
Сенките вознемирени се разбегаа
од боровите.

Некој невидлив
го истури мракот врз патот,
исчезнаа патниците.

И сѐ се втиши,
само реката, во незапирлив занес,
тивко си пееше.

Сѐ додека од брегот, под нечија стапка
не се одрони камен и шлапна во водата.

И пред да се затворат прозорците
на небото,
еден зрак како задоцнета птица
го прелета просторот.
Знам,
невозможно е да нѝ се разминаа
погледите. 

Автор: Билјана Станковска