Париз ги има своите мостови на љубовта опеани во поезијата на Жак Превер, Вишеград го има мостот на трагедијата и страстите, толку убаво претставен во делото на нобеловецот Иво Андриќ, а Струга и Македонија го имаат Мостот на поезијата, мост опеан од поетите низ целиот свет. На тој мост се опеваат и љубовта и страстите, но најмногу се опева единството на луѓето од целиот свет, единството на вљубените во поезијата и меѓусебното разбирање.
Проектот “Мостови за подобро утре“, финансиски помогнат од Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, за реконструкцијата на “Мостот на поезијата“ во Струга, е чин на воспевање на силата на поезијата, на нејзината хумана и општочовечка мисија. Дарителот, Република Бугарија со дадената финансиска помош за реконструкцијата на овој мост, само уште еднаш, како и повеќепати досега низ своите хумани мисии во Македонија, ја потврдува својата и досега видена определба, за мир, љубов и поезија меѓу народите на Бугарија и С. Македонија.