ЕДИНСТВЕНАТА ВИДЛИВА ЛУЗНА НА МЕНЕ…

Единствената видлива лузна на мене
е онаа од царскиот рез
хоризонтална
на долниот дел од стомакот
дента кога сама реши дека ти е дојдено времето
единствената видлива лузна на мене
е онаа која секогаш ќе ме потсетува на денот
кога со тебе повторно се родив
со страв и болка
дека во делот кој од мене ти го дадов
ќе си осудена да љубиш со сето битие
со сила која лекува други
а го убива оној што ја дава
единствената лузна во мене,
која не се гледа, а крвави
е стравот дали ќе сум доволно добра
доволно силна и мудра
за да те научам да си ја чуваш и зачуваш душата
а срцето да ти остане во еден дел
оти после не се лепи
единствената лузна која ќе ме боли до смрт
ќе е онаа која ти во душа ќе ја добиеш
која ќе ме разори и ќе остане по мене
дека не сум успеала да те заштитам од она што болка
се вика
иако знам дека ќе си посилна од мене и за многу нешта
похрабра
ете, затоа пишувам
за да можеш еден ден да ме запознаеш и како жена
со сите болки и стравови
со сите мои демони и неуспеси
со сета љубов која во срцето сум ја носела
ете, таа лузна што ќе ти ја донесе мојата душа
таа ти ја подарувам
оти таа е единствената за која нема да можам
да се извинам
за која ќе немам оправдание ниту пред тебе, ниту
пред себе
оти таква сум…таа сум
и еден ден, кога ќе ја имаш мојата книга в рака
и ќе ми ја вртиш душата низ прсти
ќе знаеш оти исто се љуби и на 20 и на 40
само ако имаш срце во себе
тогаш ќе ми простиш, а и себе
што сме толку слични, а сепак различни
оти дел од моето проклетство за љубење преминало
и на тебе
единствената видлива лузна на моето тело
ја носам со гордост
оти таа е единствената која ми ја донела безусловната
љубов
најголемата радост и болка
најголемиот страв и борба
ТЕБЕ

Автор: Ана Бунтеска