Потребата да бидеме љубени… треба да се задоволи со чиста душа. Би можела да бидам сурова, да скратам туѓа среќа, затоа што мене ми скратиле, но не, јас ќе бидам промената која сакам да ја видам во другите. Доволно ми е, барем така мислам. Наречете ме старомодна, ама јас сеуште верувам во вредности. Искреност, позитивна енергија, поддршка, фер игра, а најмногу љубов.
Да, јас верувам во љубов, и тоа во онаа најнесебичната на која не и требаат докази, онаа љубов која не бара за возврат,љубов која ги надминува ниските страсти, љубов која ја прави смислата на животот, љубов што те тера да се смееш без причина. Без разлика колку животот ќе ми го покажува спротивното, јас ќе верувам во таа љубов, таа е во мене, таа е во светот, таа е во вас, таа е во секого.
Љубов која се чувствува и кога нема никој околу вас, само вие, моментот и тишината. Кога срцето ви трепери од самата помисла дека вие ја имате таа СРЕЌА да постоите, да имате живот и неограничени можности да го направите онаков каков што сакате. Кога знаете дека секој ден е нов почеток, кога знаете дека се може да се прифати ако се сака. Љубов која е прифаќање наместо мудрување. Ние имаме живот, тука и сега. Ние имаме неограничена љубов, но понекогаш очите ни се затворени за да ја видиме.
Трагаме по нешто, но на крајот тоа нешто секогаш е тука, во нас, до нас, пред нас. Треба само малку да ги потриеме очите и да видиме, исто како утринско сонце кое не натерало да замижеме и повторно да ги отвориме очите за да се осигураме дека е тука. Исто. Па дури и со она мало пецкање на очите кога ќе го погледнете сонцето, пецкање затоа што долго време биле во темнина. Не мора да има сонце надвор за да има сонце во душата. Тоа сонце е доволно за да даде топлина и светлина и во најтемната душа, да го разбуди и најзаспаниот лик. Нешто толку јасно, толку чисто, толку мирно…
Љубов во наједноставен облик, без непотребната драма, без глупавите игри… љубов каде допирот на душите фрла сенка врз допирите со раце. Она што ќе ве разбуди, ќе ве ослободи, она чувство како повторно да сте се родиле. Повторно гледате со очите на мало дете, нему му е чисто и јасно, нема потреба да комплицира. Децата се раѓаат со сознанието за вистинската смисла на љубовта. Тие знаат дека некогаш едноставното е најдобар избор. Потоа во бурата на животот го губат тоа знаење за повторно да го научат кога бурата ќе стивне.
Автор: Милена Крстеска