ПРЕД ДЕТЕ НА КОЛЕНА ПОНИЗНА СУМ

Пред дете
Пред дете на колена понизна сум
Оти невиноста во очите на детето
Е слика на она што светот треба да е
Ослободен од суети и злоба
Полн смеа која гргори од стомакот
Светнат и шарен ко Велигденски јајца
Со мирис на слобода и спокој
Пред старец
Пред старец на колена понизна сум
Оти мудроста велат со староста иди
И во погледот на младоста што изврвила
Се мијам како во вода осветена
За мудроста и мене да ми трае
Да ме покрие кога душава ме боли
За утеха која ко прекривка грее
Пред љубовта
Пред љубовта на колена понизна сум
Оти толку малку чини
Само срцето на чоек отворено да е
И со секој удар милост да дава
Без да се пазари дал ќе ја добие назад
Оти љубовта во која кантарот мери
Никогаш не тежи појќе од слепилото на осамата
Пред животот
Пред животот на колена понизна сум
Од првиот здив кој убости носи
Во боја која окото со нежности го бои
Та го живееш денот ко секој еден прв да е
Го дишеш силно за пилето внатре да ти запее
И пееш небаре пилето од кафез излетало
За да ја славиш неговата големина
Пред смртта
Пред смртта на колена понизна сум
Оти и таа голема колку животот е
Та и треба да се слави ко свадба или крштевка
Оти на крајот сите се враќаме во утробата на земјата
Во таа Мајка која милиони во себе чува
И за секој од нас рацете ги шири
Во себе коските наши да ги прими
Научив понизна да бидам
Не пред икони и светци
Туку пред луѓето
Пред животот и смртта
Пред сето она што прави да сме тука
Сега и овде
Дур секому од нас времето не му дојде
За да си замини
Со љубов во себе
Со љубов испратени
И со љубов некаде
На некое друго место дочекани
Научив
Научив на колена да бидам
Та крвареле ил не
Насмев на усните да имам
Оти чоечката понизност се мери само тогаш
Кога чоек ќе научи оти на светов сам не е
И оти треба ближниот ко себе да го љуби
Од првиот до последниот здив

Автор: Ана Бунтеска